Европската Комисија предлага укинување на правото на вето во дел од преговорите со ЕУ
Комисијата предлага квалификувано мнозинство за многу фази, петстепен пристап и патокази за четири земји‑фаворитки.

Европската Комисија му предложи на Советот да го ограничи правото на вето во делови од пристапните преговори и да се префрли на гласање со квалификувано мнозинство за низа одлуки, стои во новата Комуникација за проширување. Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска ја презентираше 25‑страничната публикација под наслов „Подготовка за поширока Унија“ и ја опиша иницијативата како начин да се направи поголема Унија поефикасна.
Петстепен пристап и преодни механизми
Документот се состои од пет основни елементи: практични решенија во однос на управувањето, владеењето на правото и политиките на ЕУ; постепена интеграција пред полноправното членство; заедничка рамка со заштитни механизми; прилагодување на политиките на ЕУ и патокази за четирите земји‑фаворитки. Комисијата му препорачува на Советот да се согласи со примената на квалификуваното мнозинство во многу од овие области, додека правото на вето ќе остане како можност само на самиот крај на процесот на пристапување.
„Можеме да ги користиме „пасарел" (преодните) одредби за квалификуваното мнозинство. Може да се намалат областите каде што една земја става вето на заеднички одлуки. На пример, за санкциите, даночните измени или за чекорите помеѓу отворањето и затворањето на пристапните преговори, изјави Марта Кос.“
Сепак, Комисијата нагласува дека само формалното пристапување и натаму би барало едногласна одлука на Советот, по консултација со Комисијата и со добивање согласност од Европскиот парламент, како и ратификација на договорот за пристапување од страна на сите држави‑договарки во согласност со нивните уставни процедури.
Во однос на билатералните спорови, Комуникацијата предлага дека прашањата што не се поврзани со критериумите за пристапување треба да се решаваат преку соодветни билатерални или меѓународни механизми; оваа обврска би била утврдена во декларација што ќе го придружува договорот за пристапување. Исто така, новите членки би се обврзале за ограничен период да не се спротивставуваат на одлуките на ЕУ за идни проширувања и билатерални прашања.
Кос порача дека ЕУ не го заборавила Западен Балкан и дека патоказите за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија ќе бидат првата група која ќе добие конкретни упатства. „Со години слушаме дека Европската Унија го заборавила Западен Балкан. Две од водечките земји се од Западен Балкан. И зборував за патоказите. Тие всушност важат за сите. Но има смисла само за оние кои се толку напредни и на кои им треба патоказ. Ова би го споредила со автомобил, доколку автомобилот не работи, нема смисла да го туркаме одназад – ако моторот не му работи. А моторот ќе работи само со гориво, а горивото се реформите во земјата“, изјави еврокомесарката за проширување.
Комисијата ќе ги објави патоказите за четирите фаворитки заедно со своите годишни извештаи за напредокот на 29 октомври. Комуникацијата ќе биде разгледувана на Европскиот совет на 15 октомври. Северна Македонија не е меѓу четирите земји кои добиваат непосредни патокази.
Фото: прес-материјал од настанот


