Европската комисија советува: домаќинства да бидат подготвени 72 часа
Комисијата советува секое домаќинство да може самостојно да ги покрие основните потреби три дена и да подготви торба за итни случаи.

Европската комисија објави нови насоки со упатство до домаќинствата да обезбедат основни резерви што ќе ги покријат најважните потреби најмалку 72 часа, односно три дена, во случај на сериозно нарушување на секојдневното функционирање. Насоките беа презентирани на 3 ноември од еврокомесарката за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, на форум посветен на цивилната заштита.
Во списоците на потребни средства се наведенa вода за пиење, храна со подолг рок на траење, неопходни лекови, средства за лична хигиена, батериски лампи, резервни батерии и уреди за комуникација што ќе функционираат во случај на прекин на електричната енергија или телекомуникациите.
Кој треба да биде посебно внимателен
Посебен акцент се става на децата, повозрасните и лицата со хронични заболувања, за кои прекините во достапноста до лекови, храна или други основни производи можат да создадат дополнителен ризик. Како дел од препораките, секое домаќинство треба однапред да подготви торба за итни случаи со документи или копии, основни лекови, вода, храна, батериска лампа, полнач за мобилен телефон и средства за хигиена.
Од Комисијата нагласуваат дека целта не е ширење страв или паника, туку создавање навики за навремена подготовка. Првите 72 часа по избувнување на криза се сметаат за клучни, бидејќи службите за итни интервенции може да бидат преоптоварени, а пристапот до одредени производи и услуги ограничен.
Насоките се дел од пошироката стратегија за зајакнување на отпорноста на општеството при природни непогоди, пожари, поплави, земјотреси, технолошки несреќи или прекини во снабдувањето. Комисијата препорачува и дополнителни проверки на националните системи за цивилна заштита за да се утврди колку здравствените установи, спасувачките служби и комуникациските системи се подготвени.
Хаџа Лахбиб најави и воспоставување годишен Ден на подготвеноста на Европската Унија, кој првпат е предвидено да се одбележи во октомври 2027 година, со цел да се поттикне поширок ангажман на граѓаните и институциите во планирањето за кризни ситуации.
Фото: прес-материјал од настанот


