Филипче повика на национална мобилизација против изградбата на дата-центри
Филипче тврди дека точката за дата-центар во Пехчево е повлечена по притисок од СДСМ и јавноста, но вели дека власта не се откажала.

Лидерот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, обвини дека владата на Христијан Мицкоски се обидела да провлече изградба на дата-центар во Пехчевско и повика на национална мобилизација против таквите проекти.
Според Филипче, поради притисокот од СДСМ, од неговите советници и по реакциите од јавноста, точката за изградба на дата-центар била повлечена од дневниот ред на денешната седница на Советот на Општина Пехчево.
Во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, Филипче предупреди дека власта не се откажала од идејата и повика на масовно организирање: „Но, тоа не значи дека власта се откажала од идејата. Затоа повикувам на национална мобилизација да спречиме водата и струјата да паднат во раце на профитери на грбот на народот. Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат водата и струјата на граѓаните да ги продадат и да ги стават во функција на странски дата-центри за сопствени тендерски профити. Да се богатат блиските до Мицкоски и ВМРО-ОКГ на штета на граѓаните“, изјави Филипче.
Тој ги повика советниците во општинските совети низ целата држава да се обединат за да го спречат, како што рече, ставањето на водата и струјата под ризик и да ги отстранат можностите за профитирање на тесни кругови.
Филипче ја нагласи улогата на СДСМ како прв кој јасно се спротивставил на ваквите намери и додаде: „СДСМ е прв кој јасно се спротивстави на ставањето на водата и стујата под ризик заради бизнис интересите на власта. Грабежот мора да се прекине додека не е доцна. Мораме да го запреме ова зло што ни се подготвува. Можеме само сите заедно. Да покажеме дека во вакви моменти можеме и мораме да бидеме сложни во интерес на граѓаните и државата. Кога веќе ги немаме механизмите на власта, можеме да имаме граѓански отпор – отпор кон оваа криминална власт. Ги повикувам и сите граѓани. Мораме да ги запреме дата-центарите“, порача тој.
Спорот, според Филипче, ја надминува локалната димензија и бара внимателно следење на следните чекори во општинските процедури, оти точката може повторно да се појави на дневен ред.
Фото: Архива