Почетна
Политика

Филипче во Брвеница: СДСМ е „како пиреј“, повик за глас за Јовица Радески

На затворачки митинг во Брвеница Филипче ја постави неделната изборна трка како избор меѓу промени и продолжување на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

·Политика
Филипче во Брвеница: СДСМ е „како пиреј“, повик за глас за Јовица Радески

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на затворачкиот митинг пред изборите за градоначалник во Општина Брвеница ја повика локалната јавност в недела да го поддржи кандидатот на партијата Јовица Радески и да гласа за враќање на општината во рацете на граѓаните.

Филипче го постави изборот како судир помеѓу „промени“ и продолжување на владеењето на ВМРО

Во своето обраќање тој наведе низа инфраструктурни и развојни проекти кои, како што рече, стојат во изборната програма на Радески: обновена и проширена водоводна мрежа, пречистителна станица за отпадни води, обновување на системите за наводнување на обработливото земјиште, реконструкција на улиците и локалните патишта, проширување на мостовите и создавање агроиндустриска зона за преработка.

„Се гласа за конкретни решенија и проекти. Обновена и проширена водоводна мрежа, пречистителна станица за отпадните води, обнова на системот за наводнување на обработливото земјиште, реконструирани улици и локални патишта, проширени мостови, агроиндустриска зона за преработка. За подобри услови во училиштата, расчистени диви депонии, уредено управување со отпадот и простори за одмор и рекреација“, рече Филипче.

Тој директно упати критики кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за црни кампањи, напади и обиди за замолчување на опозицијата. „Знам се што правиш, Христијане. Знам дека сакаш да се уништи СДСМ. Затоа што се плашиш. Затоа што ние не сме ти под контрола. Затоа што сме единствената, силна, кредибилна опозиција во земјава. И се плашиш затоа што ќе одговараш и пред нас, и пред народот, и пред европското обвинителство“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз.

Филипче кажа дека, наместо да се соочи со критиките и да одговори за своите постапки, Мицкоски се обидува да ја дискредитира опозицијата преку навреди, закани и медиумски напади и го спомна неговиот настап во Милетино како пример кога било кажано дека „СДСМ треба да се уништи“.

Во завршниот дел од говорот, Филипче го повика народот да излезе на гласање и го повтори своето споредување: „Христијане, нека не те лажи умот. Ние сме како пиреј. Никој нас не може да не уништи. Затоа СДСМ е со народот, СДСМ е со граѓаните, работниците, земјоделците, пензионерите, младите што сакаат да останат во ова земја. СДСМ е Европа, напредок, развој, патриотизам, државнички политики. СДСМ е искреност и вистинска љубов кон татковината и кон сите наши граѓани“, рече тој и ги повика граѓаните в недела да му дадат доверба на кандидатот Радески.

Фото: СДСМ

Поврзани написи