Почетна
Македонија

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Јани Макрадули

Се тврди дека поранешниот директор на Пошта не исплатил долг од 19.292.984 денари, што довело до 10.968.483 денари казнена камата.

·Македонија
Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Јани Макрадули

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешен директор на државното Акционерско друштво „Пошта на Северна Македонија“ поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

Според пријавата, поранешниот директор се товари дека не го повратил долгот од 19 292 984 денари (околу 314 илјади евра) што компанијата требала да ѝ ги исплати на две фирми. За таа причина против „Пошта“ биле поведени судски постапки по кои со пресуди биле определени обврски за плаќање казнена камата во вкупен износ од 10 968 483,00 денари (околу 178 илјади евра).

Кога и што точно се случувало

Од Финансиската полиција наведуваат дека настаните се однесуваат на периодот 2021–2022 година. Како што стои во пријавата, постапувајќи спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва, директорот не презел дејствија за реализација на заклучоците на Управниот одбор за исплата на паричните обврски во износ од 19 292 984 денари.

Иако, како што посочуваат, на тогашниот директор биле доставени потребните документи за исплата, тој не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.

„Со ваквото постапување овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата. На овој начин, на АД ‘Пошта на Северна Македонија’ ѝ била предизвикана вкупна штета од 10 968 483,00 денари по основ на казнена камата“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Во соопштението пријавениот е именуван со иницијали Ј.М.; медиумите објавија дека станува збор за Јани Макрадули, поранешен функционер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Макрадули претходно беше долгогодишен пратеник, во еден мандат потпретседател на Собранието и заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Фото: Фејсбук-профил на Јани Макрадули

Поврзани написи