Финансиската полиција истражува можно влегување сомнителен капитал во медиумите; АВМУ ја запре постапката за промена на сопственоста на ТВ и радио
Институциите почнаа проверки откако СДСМ обвини за зголемување на српското влијание; АВМУ ја стопираше постапката за една телевизија и едно радио.

Управата за финансиска полиција отвори предмет за да ги испита наводите за можно влегување сомнителен капитал во медиумскиот сектор, а АВМУ ја запрела постапката за промена на сопственоста на една телевизија и едно радио, објави Финансиската полиција по отворените тврдења на опозициската партија СДСМ.
Во реакцијата од управата стои: „Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и за купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги преземаат потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности. Апелираме да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации. Надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата на Финансиската полиција.
Претходно СДСМ побара да се испита, како што го нарече, „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, изнесе дека „преку повеќе медиумски и деловни субјекти се отвора простор за поголемо српско влијание врз медиумската сфера во земјата“ и побара институциите да проверат дали при сопственичките промени и при работењето на странските медиумски компании биле почитувани домашните прописи.
Проверки на финансиски врски и банкарски трансакции
Од СДСМ дополнително ги поврзаа сомневањата со присуството на српски капитал во банкарскиот сектор и побараа да се испита потеклото и текот на средствата, како и евентуалните врски меѓу финансиските и медиумските инвестиции. Засега институциите не објавија детали што точно опфаќа предметот на Финансиската полиција и на која телевизија и радио се однесува постапката што ја запре АВМУ.
Петте национални телевизии и МРТ исто така обвинуваат дека српски медиумски компании преку спортските канали „Арена M1“, „M2“ и „M3 премиум“ ги заобиколуваат македонските закони и бараат истрага за евентуално неплаќање лиценци, ТВ-пиратерија и одговорност во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Националните телевизии и МРТ велат дека „Каналите на „Арена“ работат без дозвола, а Агенцијата за медиуми тоа го толерира“ и предупредуваат дека истиот модел може да се примени и за „Еуроњуз Македонија“.
Фото: МИА