Почетна
Македонија

Нема отворен предмет за Алта банка, Финансиската полиција вели дека не добила пријава

Директорот на Финансиската полиција тврди дека не е добиено известување за Алта банка; поранешниот акционер на Еуростандард бара објаснување за различен третман во 2020.

·Македонија
Нема отворен предмет за Алта банка, Финансиската полиција вели дека не добила пријава

На продолжението на надзорната расправа во Собранието за Алта банка АД Битола сведоците и пратениците се судрија околу оправданоста за воведување администрација, а директорот на Управата за финансиска полиција изјави дека нема отворен предмет ниту доставена пријава поврзана со банката.

Поранешниот главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, Трифун Костовски, кој сведочеше пред Комисијата за финансирање и буџет, побара од Народната банка објаснување зошто Еуростандард во 2020 година завршил во стечај, додека за Алта банка беше воведена администрација.

„Зошто администрација за Алта, а стечај за Еуростандард?“

Костовски рече дека не сака пропаѓање на Алта банка и ја поддржува секоја законска мерка за заштита на штедачите, доверителите, вработените и банкарскиот систем, но посочи дека случајот со Алта ја актуализира дилемата која шест години ја поставува за пропаѓањето на неговата банка.

„Ако администрацијата денес е законски инструмент со кој на Алта банка и се дава време и можност за стабилизација, зашто истиот инструмент не беше применет за Еуростандард банка во 2020 година?" рече тој, додавајќи дека акционерите и вработените ги платиле казните од супервизорскиот извештај од 2019 година, презеле корективни мерки и вбризгале околу 13,5 милиони евра свеж капитал шест месеци пред наредбата за стечај, во услови на ковид-криза.

Костовски го доведе во прашање и точниот податок за капиталната адекватност во документацијата на Народната банка околу одлуката во 2020 година: „На 12 август 2020 година во документацијата врз која се темели одлуката на Народната банка се појавува капитална адекватност од околу минус 4%. Само два дена подоцна, според документацијата со која располагаме, стечајната екипа прикажува капитална адекватност близу 7%. Од минус 4 до плус 7% за два дена во банка која веќе не работи? Која бројка е точна? Со која методологија е добиена? И кој независно ја проверил пресметката врз основа на која една банка престанала да постои?"

На прашањата на пратениците, Костовски рече дека не го познава сопственикот на Алта банка во Србија, Давор Мацура, ниту имал средба со тогашниот премиер Зоран Заев или со тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска; посочи дека на 12 август, денот на стечајот на Еуростандард, неговиот син имал средба со тогашниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој кажа дека шест години ја бара правдата за својата банка и дека никогаш немал намера да измамe.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, изјави дека Управата нема отворено предмет, нема добиено пријава или известување и нема сознанија за евентуално кривично дело поврзано со Алта банка. „До денес можам најодговорно да тврдам дека Народната банка ниту има доставено известување до нас, ниту има побарано од нас за некакви евентуални проверки за одредени лица коишто биле дел од управниот или надзорниот одбор", рече тој.

Ивановски појасни дека Управата постапува по насоки од јавен обвинител или врз основа на законски индиции и оти сомнителните трансакции најпрво ги анализира Управата за финансиско разузнавање, која потоа доставува извештај до Финансиската полиција или до Јавното обвинителство. „Досега немаме доставено таков извештај конкретно за оваа банка за одредени сомнителни трансакции. Но сакам да појаснам и друга работа. Сомнителни трансакции во одредена банка и во банкарското работење не значат незаконско работење на банката, туку значи нешто коешто има потенцијални сторители за кривично дело", додаде тој.

Фросина Целеска, директорка на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање на банки во Народната банка, рече дека Алта банка АД Битола е солвентна и ликвидна, со показатели за квалитетот на кредитното портфолио кои не отстапуваат значајно од нивото на банкарскиот систем. Таа порача дека мерките во рамките на администрацијата се насочени кон стабилизација и непречено функционирање додека не се најде друг сопственик и не се промени сопственичката структура, со цел да се избегне одземање на дозволата за работа и стечај.

„Состојбата со Алта банка е таква што таа може да продолжи да работи, а во рамки на администрацијата преземени се контролирани и добро дизајнирани мерки чија цел е Банката да може непречено да работи се додека не се најде друг сопственик, односно се додека не се замени сопственичката структура, и се со цел да се избегне најстрогата мерка, односно укинување на дозволата за работа и создавање услови за отворање стечајна постапка. Како што може да се види, денеска има ослободување, односно намалување на ограничувањата и правните лица ќе може непречено да ги користат новите приливи на своите сметки", рече Целеска.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи