Фирмите клиенти на Алта банка од денеска можат без ограничување да ги користат новите приливи од други банки
Од 25 ноември правните лица во Алта банка АД Битола можат во целост да располагаат со средства пренесени од сметки во други банки, информира НБРСМ.

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) соопшти дека од денес, 25 ноември, правните лица со сметки во Алта банка АД Битола можат во целост и без ограничување на износот да располагаат со новите приливи кои пристигнуваат од платежни сметки отворени во други банки и даватели на платежни услуги.
Правните лица веднаш ќе имаат пристап до новите приходи
„Во насока на натамошно проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на Алта банка АД Битола, Народната банка информира дека од денес, 25 ноември, правните лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во Банката, доколку средствата се пренесени од платежни сметки на клиенти отворени кај други банки и даватели на платежни услуги“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Централната банка потсетува дека и претходно истата можност важела за физичките лица, кои можат во целосен износ да ги користат приливите што доаѓаат од сметки во други банки. Тоа ги опфаќа приливите на сите основи, вклучувајќи нови исплати на плати, пензии и социјални трансфери од институции или фирми чији сметки се во други банки и даватели на платежни услуги.
„Во таа смисла, клиентите на банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката“, наведуваат од НБРСМ.
За клиентите што користат електронско или мобилно банкарство остануваат да важат претходно воведените ограничувања: лимитите до 15 000 денари неделно за клиентите со платежни картички и до 20 000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички. Народната банка појаснува дека овие ограничувања важат збирно за сите сметки на клиентот и за сите канали за плаќање и повлекување на средства.
Филијалите на Алта банка АД Битола во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“ во Скопје, продолжуваат со работа. На овие шалтери граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамки на дозволените лимити, да плаќаат комунални услуги, да отплаќаат кредити и да извршуваат други трансакции.
Народната банка посочува дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во битолската банка и ќе презема чекори за олеснување на пристапот на клиентите до сопствените средства и непречено одвивање на платниот промет.
За потсетување, Народната банка воведе привремена администрација и го превзеде управувањето со Алта банка АД Битола на 2 ноември, поради тоа што Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и отвори стечајна постапка за матичната Алта банка АД Белград. На 16 ноември беше соопштено дека е започната постапка за продажба на доминантниот пакет акции во Алта банка АД Битола: 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот капитал што ѝ припаѓа на матичната Алта банка АД Белград. Продажбата преку Македонската берза ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека купувачот ќе мора да ја откупи целата понуда. Аукцијата е закажана за 30 ноември, а учество веќе најави Комерцијална банка.
Фото: Архива


