Фискален совет: Со ребалансот се кратат инвестициите, а задолжувањето финансира и тековна потрошувачка
Советот оценува дека со ребалансот се менува структурата на буџетот — помалку за капитални инвестиции, повеќе за социјални трансфери и тековни расходи.

Фискалниот совет предупредува дека со вториот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се намалуваат капиталните инвестиции, додека дефицитот останува повисок, што значи дека дел од новото задолжување ќе се користи за тековна потрошувачка наместо за развојни проекти.
Мислењето, кое Советот како независно тело го достави до Собранието и кое е потпишано од претседателот академик Абдулменаф Беџети, укажува дека во споредба со јулскиот ребаланс парите за капитални расходи се намалуваат, но дефицитот останува повисок од тој во иницијалниот буџет.
Клучни бројки и промена на приоритетите
Со предлогот се планираат вкупни приходи од 374,2 милијарди денари и вкупни расходи од 420,5 милијарди денари. И приходната и расходната страна се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари (околу 86 милиони евра) во однос на јулскиот ребаланс, а дефицитот се задржува на 46,3 милијарди денари (околу 750 милиони евра) или 4,1% од БДП. Во првичниот буџет дефицитот беше 39,2 милијарди денари (околу 640 милиони евра) или 3,5% од БДП.
Советот забележува дека приходите од акцизи се намалуваат за околу 3,8 милијарди денари, на 30,4 милијарди денари, а неданочните приходи и донациите опаднуваат за околу 1,9 милијарди денари. Приходите од ДДВ се проектирани да пораснат за 364 милиони денари. На расходната страна, капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од околу 46,5 на 40,1 милијарда денари (13,6%), додека тековните расходи се зголемуваат за приближно една милијарда денари во споредба со јулскиот план.
Социјалните трансфери растат за околу 3,7 милијарди денари: за пензии се предвидени дополнителни 1,34 милијарди, за социјални надоместоци 1,44 милијарди, а за здравствена заштита 887 милиони денари. Истовремено, субвенциите и трансферите се намалуваат за околу 2,27 милијарди денари, а расходите за стоки и услуги за 384 милиони.
"Со други зборови, во однос на иницијалниот Буџет, целото зголемување на расходите од +6,3 милијарди денари се однесува на тековните расходи, па дефицитот над 3% од БДП повеќе не се финансира за капитални инвестиции, туку за тековна потрошувачка", наведува Фискалниот совет во своето мислење.
Советот дополнително укажува дека планираните капитални расходи (40 124 милиони денари) се за 6 140 милиони денари пониски од проектираниот дефицит (46 264 милиони денари), и дека "дел од задолжувањето директно се користи за финансирање на тековни расходи, што претставува директно отстапување од ‘златното правило’ во јавните финансии".
Анализата на динамиката на трошење покажува дека до крајот на август дефицитот изнесувал околу 38,2 милијарди денари или 82,5% од годишниот план, што оставило само околу 8,1 милијарда денари за последните четири месеци. За да се оствари новиот приходен план, во последните четири месеци би била потребна просечна месечна наплата од околу 35,9 милијарди денари — за 24,5% над просекот од првите осум месеци. Остварувањето на намалениот план за капитални инвестиции бара забрзување до приближно 4,4 милијарди денари месечно од септември до декември, односно околу 55% повеќе од досегашниот просек.
Советот предупредува и за структурата на финансирањето: планираното бруто-задолжување се зголемува за околу 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари; домашните извори растат за 12,3 милијарди, а странските се намалуваат за околу една милијарда. Јавниот долг на крајот на јуни изнесувал 58,8% од БДП, со што просторот до законскиот лимит од 60% е сведен на 1,2 процентни поени, а Советот очекува надминување на таа граница и укажува дека неизвртени доспеани обврски на јавниот сектор надминуваат 700 милиони евра.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги образложува измените како одговор на променетите економски услови и на фискалните ефекти од мерките за гориво, со цел заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски и одржување на економската активност. Владата го утврди вториот предлог-ребаланс на 7 октомври. Вчера во собраниската Комисија за финансирање и буџет почна амандманската расправа во второ читање, за која се поднесени повеќе од 120 амандмани.
Фото: прес-материјал од настанот


