Почетна
Свет

Фон дер Лајен: Заживување на европската економија е наш врвен приоритет

На отворањето во Стразбур таа најави мерки за брзи дозволи, намалување на административните бариери и удвојување на уделот на електрична енергија до 2040.

·Свет
Фон дер Лајен: Заживување на европската економија е наш врвен приоритет

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека заживувањето на европската економија е врвен приоритет при отворањето на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.

Фон дер Лајен посочи дека економијата на ЕУ се покажа поотпорна од очекуваното предизвиците кои доаѓаат од конфликтите на Блискиот Исток, а невработеноста е на речиси рекорден минимум. Сепак, таа предупреди дека повисоките цени на енергијата и растечките трошоци за задолжувањето ги оптоваруваат и домаќинствата и бизнисите.

Пробиви во дозволите и помалку бирократија

„Ќе треба да се направи јасен избор во финансиската сфера за да се обезбеди фискална одржливост, а воедно да се заштитат инвестициите. Затоа заживувањето на европската економија е наш врвен приоритет“, рече таа, нагласувајќи дека балансот меѓу штедењето и инвестициите ќе биде клучен.

Таа нагласи дека ЕУ располага со огромен пазар, индустрија и услуги од светска класа, богат фонд на заштеди и една од водечките светски валути. „Кога ја презедовме функцијата, воведовме смел план - да изградиме економија каде што иновациите и енергијата течат преку границите. Каде што компаниите се натпреваруваат и растат низ цела Европа, а заштедите ја финансираат нашата иднина“, додаде фон дер Лајен.

Во своето обраќање таа најави предлози за забрзување на процедурите за дозволи и за масовно убрзување на проекти од стратешки интерес за Европа, како и намалување на административните оптоварувања кои ги забавуваат бизнисите и малите и средните претпријатија. „Онаму каде што проектите се од стратешки интерес на Европа, мора масовно да ги забрзаме. А онаму каде што административните оптоварувања ги забавуваат бизнисите и малите и средните претпријатија, мора и нив да ги намалиме“, рече таа.

Во делот посветен на енергијата фон дер Лајен рече дека, кога Русија ги прекинала испораките на гас, ЕУ возвратила, ги диверзифицирала своите резерви и инвестирала во домашни извори – обновливи и нуклеарни. Таа истакна и нови нарушувања на снабдувањето, како затворањето на Ормуската теснина, и подвлече колку чини зависноста од увоз на фосилни горива: „Од почетокот на конфликтот, увозот на фосилни горива нè чинеше дополнителни 90 милијарди евра“, рече фон дер Лајен.

За да се намали таа ранливост, таа повика на поголеми напори за прифатливо и домашно производство на чиста енергија и за електрификација на Европа. „За оваа независност, мора да ја електрифицираме Европа и да го удвоиме уделот на електрична енергија до 2040 година, што би ја намалило сметката за увоз на фосилни горива во Европа за 260 милијарди евра годишно“, рече претседателката на ЕК.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи