Франција ја легализира асистираната смрт
Закон стапува во сила по претседателски потпис и одлука на Уставниот совет; правото е ограничено на полнолетни лица со сериозни, неизлечиви заболувања.

По неколкугодишна јавна дебата, денеска стапи во сила закон со кој во Франција се воведува право на асистирано умирање — откако претседателот Емануел Макрон го потпиша и тој беше објавен во Службениот весник на Франција.
Уставниот совет минатиот петок го одобри законот под услов да се применува кај пациенти со тешки заболувања; Советот, предводен од Ришар Феран, оцени дека ниту една одредба не е спротивна на Уставот. Претседателот ја поздрави одлуката, велејќи дека со неа „завршува еден примерен демократски процес”.
Како ќе функционира новото право
Правото на асистирано умирање им дава можност на тие пациенти сами да си ја администрираат смртоносната супстанца во присуство на здравствен работник. Здравствените работници ќе можат да ја даваат супстанцијата само ако пациентот физички не е способен сам да го направи тоа.
За да го оствари ова право, лицето мора да биде полнолетно, француски државјанин или долгорочен резидент во Франција, и да боледува од „сериозна и неизлечива” болест во терминална или напредната фаза. Пациентот мора да чувствува неподносливи физички страдања и да биде способен до самиот крај да донесува информирана одлука.
Дали пациентот ги исполнува условите ќе одлучи еден лекар, но со задолжителни консултации со други здравствени работници. Парламентот конечнo го усвои законот во средината на јули, но пред здравствените работници да почнат да го применуваат, Владата треба да ги донесе неопходните подзаконски акти. Релативно мал број земји засега имаат воведено слично право — меѓу нив Белгија, Холандија, Швајцарија, Канада и Уругвај.
Фото: Архива на