Почетна
Македонија

ФЗОМ усвои измените на правилникот за утврдување привремена спреченост за работа

Измените усвоени на 6 октомври 2026 ги задржуваат надлежностите до 15 дена и воведуваат конкретни олеснувања и електронски процедури.

·Македонија
ФЗОМ усвои измените на правилникот за утврдување привремена спреченост за работа

На 6 октомври 2026 година Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ги усвои измените на правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.

Оттаму посочуваат дека измените не значат скратување на правото на боледување ниту ограничување на неговата должина кога постои медицинска потреба. Матичниот лекар и понатаму ќе одлучува за привремената спреченост за работа до 15 дена, а над 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.

"Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета- појаснува ФЗОМ."

Клучни олеснувања за пациенти и лекари

ФЗОМ ги објасни главните практични олеснувања коишто треба да го намалат администрацијата и движењето на пациентите низ здравствениот систем. Меѓу поважните мерки се следниве:

  • за дел од дијагнозите нема да биде потребно упатување на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар;
  • за одредени дијагнози се проширува временската рамка предвидена со критериумите;
  • по 15-тиот ден, предлогот за привремена спреченост за работа – ПСР, матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка;
  • се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи;
  • кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на испитувањата;
  • се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои и по завршено болничко лекување;
  • за бремени жени и доилки се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај;
  • кај определени тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена.

Според ФЗОМ, новите решенија се плод на повеќемесечна стручна работа и анализа на постоечките критериуми, од кои значаен дел датираат од 2012 година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи