Гаранцијата за фингерпринт‑уредите истече — ДИК: без обновување нема услови за избори
Германски инженери апдејтираа дел од уредите за гласањето во Брвеница; работна група ќе одлучи дали ќе следи набавка на софтвер или и на хардвер.

Државната изборна комисија (ДИК) обезбеди привременo решение за претстојното вонредно гласање во Брвеница, закажано за в недела, откако петгодишната гаранција за фингерпринт‑апаратите истече во август.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, изјави дека „Минатата недела беа тука присутни германските инженери кои заедно со нашите стручни лица ги опремија апаратите и ги апдејтираа со нови податоци и ги подготвија за изборите во недела.“
За гласањето во Брвеница беа апдејтирани само толку апарати „толку‑колку што се потребни за 24 избирачки места“, рече Маричиќ. Иако договорот за одржување и гаранција со Dermalog траел 60 месеци и завршил, тој увери: "Нема никаква причина за оспорување, бидејќи под сосема истите услови, техничката спецификација којашто важеше за 60 месеци, за 5 години, под сосема истите услови е потпишан договор да се обезбеди функционалноста за изборите во Брвеница."
Проценка, работна група и нова јавна набавка
ДИК формира тим од независни ИТ‑експерти кој веќе направил првична анализа на хардверот и софтверите, а наскоро ќе се формира и работна група за истражување на пазарот. Маричиќ нагласи дека договорот формално завршил на 11 август и дека Комисијата уште пред тоа започнала подготовка за нова јавна набавка: "Ние во моментот кога кога заврши договорот на 11 август и уште претходно кога дојдов јас, новиот состав од кога почна, започнавме серија на чекори за подготовка за новата јавна набавка бидејќи знаевме дека ќе дојде еден период каде што треба да се направи поголема јавна набавка за продолжување на функционалноста на овој систем ", рече тој.
За краткорочната интервенција, ДИК ја проценува вредноста на ажурирањето на неколку постоечки уреди на околу 200.000 евра. Маричиќ додаде дека очекуваат „почетокот на ноември да добиеме и конечен извештај од Dermalog во врска со 60‑те месеци на спроведување на првичниот договор“ и дека Владата и Министерството за финансии биле информирани за потребата од средства; за сега обезбедени се само парите за изборите во Брвеница.
На прашањето дали следната набавка ќе опфати само софтвер или и нови уреди, Маричиќ појасни дека ќе се почека конечната анализа: "Ние сме должни да обезбедиме функционален систем по законски прописи. Се разбира и тоа ќе го ќе го направиме. 4.000 апарати се во наша сопственост, односно ги имаме, ги поседуваме, чувани се со полиција, чувани се под високи стандарди и секако се грижиме за нивното за нивно чување и за нивната функционалност", рече тој.
Маричиќ исто така предупреди дека дискусиите за предвремени парламентарни избори треба да ги земат предвид законските обврски за биометриска идентификација на гласачите. Потсетувајќи на членот 108а, тој порача: "Ние сме должни да ги организираме согласно закон. Законот налага, членот 108а што го споменувам, гласање со преку единствено преку овој уред односно преку биометриската идентификација на гласачите и ние немаме друга опција."
Во позадина, терминалите за биометриска идентификација беа употребени првпат на локалните избори во 2021 по политички договор меѓу ВМРО‑ДПМНЕ и СДСМ, а опремата од германската фирма Dermalog чинеше 11,2 милиони евра. Тендерската постапка тогаш беше контроверзна: првиот обид за набавка не успеа, двајца членови на тендерската комисија поднесоа оставки, имаше написи за можни манипулации, а Антикорупциската комисија поднесе барање до Обвинителството. Обвинителството не утврди кривично дело. Тогашната претседателка на Антикорупциската, Билјана Ивановска, рече: "Што да кажам, секој си има своја одговорност и тоа е одговорност на Обвинителството." Проблеми имаше и на некои избирачки места при воведувањето, но уредите подоцна беа користени во сите следни изборни циклуси.
Фото: прес-материјал од настанот


