Гази Баба воведува „Помош и нега во домот“ за ранливи граѓани
Градоначалникот Бобан Стефковски потпиша договор за грант со министерството и Црвениот крст за услуги на терен.

Во Општина Гази Баба ќе се реализира проектот „Помош и нега во домот“ преку кој ќе им се помага на граѓаните кои поради возраста, здравствената состојба, попреченоста или други животни околности имаат потреба од помош и поддршка во секојдневното функционирање во сопствениот дом.
Денес градоначалникот Бобан Стефковски потпиша договор со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и секретарот на Црвениот крст на Македонија Сузана Тунева Пауновска, со кој се обезбедува грант за оваа услуга, која ќе ја реализира Црвениот крст на територијата на Гази Баба.
„Помош и нега во домот“ не е само социјална услуга – таа е конкретна поддршка, внимание и човечка грижа за оние на кои им е најпотребна. Особено значајно е што преку оваа услуга им овозможуваме на повозрасните и ранливите граѓани да добијат соодветна помош во нивниот дом, во средината во која се чувствуваат најсигурно и најкомотно- вели Стефковски.
Програмата предвидува практична помош во домот, прилагодена на потребите на корисниците, со цел тие да останат во познатото окружување и да се намали потребата за институционална нега. Услугите ќе ги обезбедуваат обучени тимови на Црвениот крст кои ќе вршат посети во домовите низ општината.
Стефковски го оцени потпишувањето како уште еден чекор кон создавање подобри услови за живот на најранливите категории граѓани и кон градење заедница во која грижата не останува само на зборови, туку се претвора во конкретна помош.
Општинските служби исто така соопштија дека итно ќе се прска против комарци во Гази Баба, откако е регистриран зголемен број случаи на заразени со западнонилска треска во тој дел.
Фото: Архива