Почетна
Македонија

Герасимовски бара јавно извинување од „Шанса за Центар“ по презентацијата за Барутана

Градоначалникот оцени дека однесувањето било навредливо и нагласи дека општината мора да го продолжи постапката по укинувањето на претходниот ДУП.

·Македонија
Герасимовски бара јавно извинување од „Шанса за Центар“ по презентацијата за Барутана

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побара јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“ за, како што оцени, "навредувачкиот и нахален однос" кон претседателката на Советот и општинската администрација за време на јавната презентација на Нацрт-деталниот урбанистички план за градската четврт Ј-05 – Барутана.

„На јавната дебата имаше поединци кои беа очигледно инфилтрирани со цел да прават театар, да снимаат со мобилни телефони и потоа селективно да пренесуваат само она што им одговара. Затоа, барам јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“ за нивниот навредувачки и нахален однос кон претседателката Виолета Велковска и администрацијата која го образложуваше Нацрт-ДУП-от“, рече Герасимовски.

Тензии и барање за гаранции за безбедност

Јавната презентација се одвиваше во тензична атмосфера откако од „Шанса за Центар“ побараа од општинската администрација да гарантира дека новиот план нема да го загрози животот на граѓаните.

„Што треба да ни се случи, да дојде Водно на Плоштад. Колку пати сте биле на местото – ако сте биле 20 пати, сега барам од вас да потпишете изјава дека животот на луѓето нема да биде во опасност“ рече Билјана Ивановска од Шанса за Центар и побара од претседателката на советот да потпише изјава со која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.

Герасимовски истакна дека критиката и различното мислење се составен дел од демократската дебата, но дека тоа не може да биде оправдување за навреди и непочитување кон луѓето кои ја претставуваат институцијата.

Со новиот план за Барутана е предвидена изградба на 25 нови објекти со дозволена градба до два спрата плус приземје на површина од 29 000 квадратни метри. Герасимовски посочи дека претходниот ДУП е укинат со судска одлука и дека е законска обврска на локалната самоуправа да започне постапка за изработка на нов план.

Нацрт-ДУП-от за Барутана е на јавна анкета до 14 септември.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи