Германските автомобилски гиганти со силен пад во Q2 2026 и закана од масовни отпуштања
Продажбата и приходите во вториот квартал покажуваат пад кај BMW, Mercedes‑Benz и Audi; компаниите најавуваат резови и реструктурирања.

Поранешниот симбол на германската индустриска сила го искусува еден од најтешките налети во последните децении откако резултатите за вториот квартал од 2026 покажуваат опаѓање на побарувачката и сериозни финансиски предизвици за водечките производители на автомобили.
БМВ испорача 590.962 возила во вториот квартал, што е пад од 4,9 проценти во споредба со истиот период минатата година; продажбата во Кина се намали за приближно 30 проценти. Новото раководство веќе стартуваше строга програма за штедење: компанијата го откажа учеството на саемот во Париз и најави укинување на 8.000 работни места до крајот на 2027 година.
Проблеми кај премиум марките
Мерцедес‑Бенц продаде 511.900 возила во тримесечјето, што е шест проценти помалку отколку претходно, додека Ауди испорача 367.139 автомобили — пад од повеќе од осум проценти. Финансискиот директор на Ауди, Јирген Ритерсбергер, предупреди дека „длабокото реструктуирање и намалувањето на капацитетите се неизбежни“; приходите на Ауди во првата половина од годината паднаа за десет проценти на 29,2 милијарди евра, а производството во фабриката во Некарзулм е значително намалено.
Фолксваген, најголемиот европски производител, веќе спроведува масовни програми за намалување на вработени. Извршниот директор Оливер Блум предупреди на трошковен недостаток од околу 20 проценти во однос на клучните конкуренти и проценува дека тоа би можело да доведе до теоретско елиминирање на околу 50.000 дополнителни работни места низ целиот свет. Дел од групацијата, Порше, најави намалување на бројот на вработени од околу 20 проценти до 2035 година.
Дури и врвните менаџери не го исклучуваат сценариото за затворање фабрики во Германија и префрлање на производството во земји со пониски трошоци. „-Ќе мора да преместиме уште повеќе работни места во странство. Во најлош случај, ова би можело да доведе до затворање на фабриките во Германија- рече Шибе.“ Менаџментот вели дека се обидува да го избегне најлошото, но како опции се разгледуваат и зголемување на работната недела од 35 на 40 часа и промени во колективните договори.
Аналитичарите сметаат дека 2026 и 2027 година може да бидат период на најобемно реструктурирање во германската автомобилска индустрија со нови бранови отпуштања, затворање фабрики и префрлање на производството надвор од Германија додека компаниите се прилагодуваат на брзорастечката конкуренција и потешките трговски услови.
Фото: EPA-EFE/ANNA SZILAGYI