Почетна
Магазин

Ѓорѓи Цуцковски триумфираше на Due Siciliae во Сицилија

Македонскиот тенор настапи на 2 и 3 октомври во Гравина ди Катанија и Мило и беше повикан на бис двапати.

·Магазин
Ѓорѓи Цуцковски триумфираше на Due Siciliae во Сицилија

Македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски настапи со бурни овации и двапати беше повикан на бис на интернационалниот фестивал „Due Siciliae“ во Сицилија, изведувајќи арии од „Тоска“, „Вертер“ и „Турандот“.

Концертите се одржаа на 2 и 3 октомври, во завршниот викенд на второто издание на фестивалот. Првата вечер Цуцковски настапи во аудиториумот „Анџело Муско“ во Гравина ди Катанија, а следната вечер ја освои публиката во црквата „Сант’Андреа“ во Мило.

Оркестар, диригент и необичен спој на жанрови

На сцената беше придружуван од оркестарот „Винченцо Сконтрино“ под диригентската палка на маестро Давиде Галаверна, а како посебен солист настапи саксофонистот Џанфранко Брундо, што создаде едрен спој меѓу оперскиот глас, симфониските бои и џез елементите.

Италијанската публика не штедеше восхит: Цуцковски беше награден со аплаузи на отворена сцена, френетични овации и двапати беше враќан на бис. Со овие настапи тој го продолжува своето меѓународно дејствување и ја зголемува видливоста на македонската оперска уметност на големите европски сцени.

За своите настапи Цуцковски изјави: „Среќен сум и задоволен од овие настапи. Приемот кај публиката ми даде чувство на признание и потврда за мојата работа пред европска публика со високи критериуми и длабоко познавање на операта. Секогаш е големо задоволство да ја претставуваш својата држава надвор од нејзините граници, особено пред публика за која операта е дел од културниот идентитет, речиси како фолклорот. Кога за изведбата ќе бидеш награден со бурни овации, тоа е потврда дека македонските уметници се рамноправни со светските и дека навистина имаме со што да се гордееме“, изјави Цуцковски за своето гостување.

Фестивалот „Due Siciliae“ го затвори своето второ издание на 4 октомври, а настапите во Катанија и Мило ја отвораат вратата за нови средби на македонската оперска сцена со европската публика.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи