Горан Герасимовски избран за потпретседател на СДСМ, повика на сплотеност
Градоначалникот на Центар прифати функцијата со чувство на одговорност и повика на меѓусебна доверба и соработка.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, беше избран за потпретседател на СДСМ на седницата на Централниот одбор и во своето прво обраќање по изборот повика на сплотеност, меѓусебна доверба и заедничка работа.
Герасимовски нагласи дека различното мислење не смее да прерасне во поделби туку треба да ја прави партијата посилна, и дека првиот чекор кон враќање на довербата на граѓаните е зголемена комуникација меѓу членовите.
Повик за консолидација во време на притисок
„Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните - порача Герасимовски,“
Горан Герасимовски им се заблагодари на претседателот Венко Филипче и на сопартијците за довербата, ја прифати функцијата со големо чувство на одговорност и порача дека ќе биде отворен за секоја добра идеја и за секоја критика што може да ја направи партијата подобра.
„Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето - истакна Герасимовски.“
Тој го заврши обраќањето со повик за единство: „Да се сплотиме. Да се исправиме. И да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред - рече Герасимовски.“
Повикот за сплотување следува откако претставници на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ – поранешните функционери Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка и поранешна министерка Славјанка Петровска – најавија дека, почнувајќи од следната недела, ќе му претстават на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, план за консолидација на партијата и за окрупнување на опозицискиот фронт со еден од условите да биде негово повлекување; доколку Филипче тоа не го прифати, ќе следуваат други решенија.
Платформата најави дека в сабота ќе има нова рунда разговори насловена „35 години потоа“, по која ќе следува сериозна и интензивна активност, насочена кон средување на состојбите во СДСМ и окрупнување на сега разединетата опозиција. Претходно истиот ден, лидерот на СДСМ Венко Филипче, одговарајќи пред новинарите на прес‑конференција во Собрание, рече дека стратегијата на власта е да ја раситни опозицијата за потоа да може да владее, ги повика повторно овие членови да ѝ се приклучат на партијата и изјави дека доказ за тоа дека се „купени“ е тендерот што Никола Ќуркчиев го добил од државна фирма. Тој се наврати и на ЗНАМ на Максим Димитриевски, за која рече дека се формирала, а потоа ѝ се придружила на Владата.
Фото: прес-материјал од настанот


