Почетна
Македонија

Град Скопје ќе урива „Кочо Рацин“ и „Браќа Миладиновски“ и ќе гради нови за 2 милиона евра

По ребалансот на буџетот Скопје обезбеди 2 милиона евра за нови школи, но критики доаѓаат поради неодамнешни реновирања и мал број ученици.

·Македонија
Град Скопје ќе урива „Кочо Рацин“ и „Браќа Миладиновски“ и ќе гради нови за 2 милиона евра

Градот Скопје ќе ги урне постојните објекти на средните училишта „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновски“ во Драчево и ќе изгради нови, откако на последната седница на Советот на Град Скопје, со ребаланс на буџетот, се обезбедени два милиона евра за овие проекти.

Критики за потребата и заштедите

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го образложи потегот како дел од својата изборна програма: „Предолго учениците во овие училишта се образуваа во крајно несоодветни услови. Предолго наставниците пренесуваа знаење во простории што не одговараат на потребите на современото образование. Затоа преземаме обврска да изградиме целосно нови училишта, достојни за нашите деца и за нивните наставници“, рече Ѓорѓиевски.

Советникот на СДСМ, Горан Симовски, ја критикуваше одлуката и посочи дека училиштето во Ѓорче Петров било реновирано пред пет години, кога од буџетот на Градот биле издвоени 54 милиони денари. Тој нагласи дека приоритет за населбата Александрија би требало да бидат основно училиште и градинка, со оглед на новоподигнатите згради и недостатокот од места за деца.

Советникот го постави и прашањето за оправданоста на трошокот и за нискиот тековен број ученици во „Кочо Рацин": „Наместо да се троши милион евра за средно школо во кое годинава ќе завршат 40 ученици, и тоа 21 во гиманзија, 14 во економски смер и 4 во текстилен смер, можеа со меѓуопштинска соработка да се наменат парите за основно училиште во Александрија. Притоа, во школото ‘Кочо Рацин‘ со реновирањето пред неколку години се изврши замена на надворешните и внатрешните ѕидови, поставени се нов кров и под, заменети се електричната и водоводната инсталација и поставени се нови санитарни јазни и нова фасада. Пред четири години сме вложиле милион евра и сега на тоа место ќе правиме ново училиште“, рече советникот Симоновски.

Ова предизвикување на јавна дебата доаѓа во контекст на пошироки демографски и организациски промени во образованието: оваа учебна година има 433 паралелки помалку отколку лани — 222 во основно и 211 во средно образование — по одлуката на Министерството за образование и наука да ги спои малите паралелки во една поголема. Вкупниот број на празни училишни објекти во земјата, претежно во руралните средини, изнесува 148.

На 1 септември, во училиштето „Ацо Шопов“ во Општина Бутел, министерката за образование Весна Јаневска порача: „Ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато‘. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат и братче и сестриче, за да можеме овие привремено затворени училишта повторно да ги отвориме во иднина“, рече Јаневска.

Во октомври 2024 година Јаневска кажа дека во Македонија има „3.000 наставници вишок, кои работат во паралелки со 9, 12 или 17 ученици“ и оти затоа е неопходна едносменска и целодневна настава; таа додаде дека вишокот наставници нема да бидат отпуштени туку ќе добијат дополнителни ангажмани.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи