Град Скопје почна уривање во Керамидница за да го поврзе булеварот со мостот „Генерал Михајло Апостолски“
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека по завршената експропријација се создадени услови за продолжување на работите и дека ќе се заврши трасата.

Град Скопје почна со уривање на дел од куќите во Керамидница заради пробивање на булевар што треба да се поврзе со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во општина Аеродром. Планот предвидува новата сообраќајница да продолжи на булеварот АСНОМ и да ја поврзе општината Аеродром со Гази Баба.
Работите за уривање следуваат по завршената експропријација на одредени парцели, што според градските власти го создаде предусловот за следните градежни чекори. Од градот најавија дека паралелно ќе продолжи и експропријацијата на преостанатиот дел од трасата за целосно завршување на сообраќајната врска.
„По истекот на рокот за иселување на семејствата чии имоти беа опфатени со завршената експропријација, создадени се услови да продолжиме со следниот, клучен чекор кон неговото отворање. Паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Предисторија
Проектот започна во времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кога беше изграден мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Со промена на градоначалникот, проектот беше стопиран при влегувањето на функција на Данела Арсовска.
Според градските соопштенија, Ѓорѓиевски најавува дека годинава ќе се вози по, како што тој рече, „мостот за ловење риба“ на Данела што ќе ги поврзува Аеродром и Гази Баба. Арсовска претходно изјави дека мостот „ќе биде за ловење риба“ и дека не може да се стави во функција поради многу нерасчистени имотно‑правни односи на трасата низ Керамидница.
Фото: Orce Wiki / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)


