Почетна
Македонија

Градежниот факултет почна испитување на мостот „Обединети нации“ во Скопје

Испитувањата треба да утврдат дали мостот ќе се санира или ќе се гради нов пред почетокот на трасата за БРТ.

·Македонија
Градежниот факултет почна испитување на мостот „Обединети нации“ во Скопје

Градежниот факултет почна со испитувања на мостот „Обединети нации“ во Скопје, кој е предвиден да стане дел од трасата на Брзото автобуско транспортно решение (БРТ) на делницата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Испитувањата треба да утврдат дали сегашниот сообраќаен појас може да се санационира или ќе биде потребно да се изгради целосно нов мост пред да почнат градежните работи.

„Денеска се поставуваат скелињата по што ќе почнеме со испитувања за проценка на неговата состојба. До Нова година испитувањата треба да бидат завршени по што ќе се излезе со експертиза за неговата состојба. Тука, всушност, има два моста, еден за движење кон Карпош и од другата страна за кон Влае и Ѓорче Петров. Мостот ќе биде затворен само кога ќе се врши пробно товарање односно прво ќе биде затворен едниот мост, а потоа другиот“, вели Горан Марковски, професот на Градежниот факултет.

Што значи за сообраќајот и претходното решение

Според решението за БРТ што се донесе во периодот на ексградоначалникот Петре Шилегов, предвидено беше постојниот мост да се урне и на негово место да се гради нов со шест ленти — по три во секој правец. На сегашната траса, пред и по мостот има по три коловозни ленти во двата правци, а самиот мост е со по две ленти. Тоа значи дека доколку не се изгради нов мост, во таа точка ќе остане по една лента за автобусите на БРТ и по една лента за останати возила.

Градот Скопје, заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), распиша постапка за претквалификација за проектирање и изведба на БРТ, а рокот за поднесување на документи за претквалификација е продолжен до 23 ноември. По завршувањето на претквалификациската фаза ќе следи оглас за избор на фирма која ќе го проектира и изведе проектот. Од Градот објаснуваат дека преку претквалификацијата се поставуваат високи критериуми за учесниците, за да можат да се пријават компании со искуство во имплементација на системи за јавен превоз. Набавката на возилата за БРТ ќе се спроведе во посебна постапка подоцна.

По анализа на првичното идејно решение, кое предвидуваше возилата да минуваат по средишното зеленило, е направена промена: БРТ ќе се движи по лента веднаш до средишната зелена површина, одделена со нова жардиниера и зеленило од останатиот сообраќај. Тоа значи дека во посветената БРТ-лента нема да сообраќаат други автобуси.

Паралелно со подготовките за изградба, Градот ќе го менува распоредот на постојните автобуски линии откако ќе почне новиот систем. На пример, линијата 24 повеќе нема да сообраќа од Кисела Вода до Тафталиџе преку центарот и булеварот Партизански одреди; ќе се воведе линија која ќе сообраќа само од Кисела Вода до центарот или до една од станиците на БРТ.

Автор: А. АНТЕВСКА

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи