Почетна
Македонија

Хеликоптер полни вода од монтажен базен за побрзо гасење над Драгов Дол

Монтажен базен до реката Треска ги скратува летовите на хеликоптерот и овозможува поинтензивно истурање вода над Драгов Дол.

·Македонија
Хеликоптер полни вода од монтажен базен за побрзо гасење над Драгов Дол

Поставен е монтажен базен во близина на реката Треска за побрзо полнење на полицискиот хеликоптер што гасне пожар над селото Драгов Дол во општина Македонски Брод, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Со поставувањето на базенот, хеликоптерот повеќе нема потреба да лета до езерото Козјак, што претходно траело околу 15 минути. Сега водата ја полни од базенот во непосредна близина на пожарот, со што на секои три до четири минути може да истура по еден тон вода врз критичните точки“ рече Ангелов.

Оваа мерка го скратува времето за враќање на хеликоптерот и ја зголемува фреквенцијата на истурање вода над најзагрозените делови од огнот.

Брза реакција на терен ја спречи катастрофата во Зелениково

Ангелов упати благодарност до 25-те доброволни пожарникари од Модулот за шумски пожари на ДЗС, петтемина оперативци на ДЗС кои работат со нив, како и до професионалните пожарникари од Македонски Брод, кои со денови се борат со огнот на терен.

Тој извести и за инцидент во Зелениково, каде околу два часот по полноќ пожарот се приближил до последните куќи на ридот над населбата. Вознемирена жена повикала за помош кога пламенот се доближувал до нејзината куќа, а со брза интервенција на жителите, доброволните и професионалните пожарникари и општинските служби огнот бил запрен пред да ги зафати домовите.

Ангелов посочи дека градоначалникот Коста Маневски веднаш го активирал општинското противпожарно возило и лично го одвезол на местото кон кое се движел огнот. На терен пристигнале и припадници на Доброволното противпожарно друштво од Зелениково и започнале со гасење, при што и самите жители помогнале со прскање околу објектите и отстранување на грмушки и дрвја кои би можеле да ја шират ватрата.

Ангелов повторно упати апел до граѓаните да внимаваат поради високата опасност од пожари. „Доволна е само една мала искра за вистинска катастрофа“, рече тој. Според известувањата од терен, шест пожари и натаму беснеат низ земјата, а еден пожар е под контрола.

Фото: принтскрин / ДЗС

Поврзани написи