Почетна
Магазин

Хуманитарен концерт во Штип: музичари се откажаа од хонорари за Васко Попадинов

Водечки македонски изведувачи настапија без хонорари во преполн Дом на културата „Ацо Шопов“ за да му помогнат на Васко Попадинов.

·Магазин
Хуманитарен концерт во Штип: музичари се откажаа од хонорари за Васко Попадинов

Во преполниот Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа хуманитарен концерт наменет за поддршка во лекувањето на штипскиот тапанар Васко Попадинов, кој веќе седум години води тешка битка со сериозни здравствени проблеми со срцето.

Повикот за помош го поддржаа неколку од најпознатите домашни музичари, кои без размислување се откажаа од хонорарите за да придонесат за собирање средства и подигање свест за состојбата на Попадинов.

Настапи, дуети и силни пораки

Стојне Николова, меѓу најочекуваните на вечерта, ја воодушеви публиката со настапот и со својата појава во елегантен светло-жолт мини-фустан; таа на сцена се приклучи и на Дамјан Стојаноски за неколку заеднички изведби кои добија громогласни аплаузи.

Фолк-дивата Сузана Гавазова исто така се појави за да даде поддршка, блескајќи во црна тоалета со висок шлиц. По настапот, Сузана напиша на социјалните мрежи: „Синоќа во Штип музиката имаше многу поголема цел од забавата – да даде поддршка и да разбуди човечност. За Васко, за неговата борба и за надежта дека заедно можеме да направиме повеќе“.

Споделувајќи снимка од настапот, таа додаде: „Кога срцата се сплотени, солидарноста станува најсилна порака. Хуманоста нема цена, а поддршката значи многу“.

На сцената настапија и Влатко Миладиноски во придружба на Големиот оркестар на Златко Миладиноски, Дарко Стојаноски, Василија Петрова, групата „Алегро“, Тања Јованоска, Горан Тодороски и Александар Ангелов – Гајда, а модератор на вечерта беше Зорјан Ѓорѓиев. Настапите уште еднаш потврдија дека македонските музичари се солидарни кога е потребно да се помогне.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи