Почетна
Македонија

И тестовите од плунка се само скрининг — што откриваат новите брзи тестови за дрога

МВР набави 10.000 тестови за плунка; експертите предупредуваат дека позитивен резултат е само првичен индикатор и бара лабораториска проверка.

·Македонија
И тестовите од плунка се само скрининг — што откриваат новите брзи тестови за дрога

Министерството за внатрешни работи нарачало 10.000 еднократни тестови за детекција на дрога во плунка, кои сообраќајната полиција треба да ги користи кај возачи за кои ќе се процени дека постои сомневање за употреба на психоактивни супстанции. Еден тест чини 218 денари, а рамковниот договор со фирмата „Визиомед ГБГ“ е склучен на две години со горна вредносна граница од 80.000 евра.

Што покажуваат тестовите и што не

Според техничката спецификација, тестовите даваат резултат за три до десет минути и содржат седум панели — за ТХЦ, кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати, бензодиазепини и МДМА. Токсиколозите нагласуваат дека ваквите тестови служат како почетен скрининг, а не како потврдна лабораториска анализа, поради што начинот на земање примерок, обуката на полицајците и постапувањето по позитивен резултат треба јасно да бидат уредени.

Доц. д-р Зоран Живиќ, специјалист по токсиколошка хемија при Институтот за применета биохемија на Фармацевтскиот факултет во Скопје, објаснува дека тестот покажува дали одредена дрога или нејзин метаболит е присутен над однапред утврдена прагот, но не ја мерат точната концентрација. „Позитивниот резултат укажува на присуство на одредена супстанција над утврдената аналитичка граница во испитуваниот примерок, но не ја определува точната концентрација, времето на употреба, внесената доза, степенот на фармаколошко дејство или степенот на евентуално нарушување на психофизичките способности. Концентрацијата на супстанциите во плунката не секогаш директно корелира со нивната концентрација во крвта или со нивниот ефект врз централниот нервен систем“ — објаснува Живиќ.

Тој дополнува дека граничните („кат-оф“) вредности се аналитички, а не клинички критериуми и не можат сами по себе да потврдат неспособност за управување. „„Кат-оф“ вредностите се аналитички, а не клинички критериуми. Тие не даваат информација за степенот на дејството на супстанцијата, времето на нејзината употреба или за психофизичката способност на лицето во моментот на тестирањето“ — посочува Живиќ.

За панелите се наведени конкретни прагови: 15 нанограми на милилитар за ТХЦ, 20 нанограми/мл за кокаин, 50 нанограми/мл за амфетамин и метамфетамин, 10 нанограми/мл за опијати и бензодиазепини и 50 нанограми/мл за МДМА. Концентрација под прагот ќе даде негативен резултат, а еднаква или повисока ќе биде позитивна — но таа граница не е клиничка проценка на способноста за возење.

Позитивен резултат може да се должи и на пропишани лекови: кодеин, морфин или дијазепам можат да бидат откриени во панелите за опијати или бензодиазепини. „Од токсиколошка гледна точка, позитивниот резултат од тест за плунка покажува само дека ТХЦ е детектиран над утврдената аналитичка граница и не овозможува самостојно проценување на степенот на психомоторно нарушување“ — предупредува Живиќ. Проф. д-р Наташа Симоновска од Универзитетската клиника за токсикологија додаде дека меѓународните проекти и истражувања покажуваат дека имунохроматографските тестови од орален флуид се корисни за брз скрининг, но нивната примена мора да следи строго дефинирани и стандардизирани процедури. „Особено важно е да се нагласи дека брзиот имунохроматографски тест претставува скрининг, а не потврдна токсиколошка аналитичка метода“ — вели Симоновска.

Фото: EPA/HOTLI SIMANJUNTAK

Поврзани написи