Три граѓански организации бараат институционална одговорност и законски измени по седумте фемициди
Повикуваат мораториум на симболични настани и бараат итни истраги и законски промени по седум фемициди, последниот во Богданци

Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство упатија повик до домашните институции да прогласат мораториум на протоколарни, свечени и промотивни настани и симболични кампањи за време на „16 дена активизам“, додека во земјата се евидентирани седум фемициди — последниот е врз 17-годишно девојче од Богданци.
„Ги повикуваме Владата, Собранието, сите надлежни институции, агенциите на Обединетите нации, Европската комисија, ОБСЕ, амбасадите, меѓународните организации, донаторите, граѓанските организации и целата јавност да ни се приклучат во овој мораториум. Доста е од осветлување згради во портокалово додека жените ни умираат. Доста е од фотографирање во хотели и свечени сали, од говори за нулта толеранција и од симболични кампањи кои не го менуваат секојдневието на жените што живеат во страв. Ни требаат полицајци кои ќе реагираат навреме, социјални работници кои имаат капацитет да заштитат, обвинители и судии кои постапуваат итно, достапни услуги и институции кои ќе спречат насилникот повторно да нападне. Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи“, се наведува во отвореното писмо на трите организации.
Клучни барања
- Итни, независни и темелни истраги за институционалното (не)постапување во сите случаи на фемицид, со утврдување на индивидуална и институционална одговорност за евентуални пропусти.
- Итно усвојување на законски измени за спречување и заштита од насилство, вклучително регулирање на итни мерки за заштита и употреба на посебни електронски уреди (алки за следење).
- Враќање на поимите род и родова еднаквост во законите за образование, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование, како и усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство со конкретни рокови за спроведување.
Организациите дополнително бараат обезбедување доволни финансиски средства и стручен кадар за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителствата, судовите и здравствените установи, како и стабилно јавно финансирање на засолништата, кризната интервенција и психосоцијалната и правна помош за жртвите.
Во отвореното писмо е упатен и посебен повик до меѓународната заедница да го искористи својот политички авторитет за да побара институционална одговорност и да ги насочи средствата кон услуги и механизми што директно придонесуваат за спасување животи. „Предлагаме овогодишните '16 дена активизам' да станат 16 дена на институционална одговорност, во кои ќе се донесуваат одлуки, ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат конкретни обврски. Зашто заштитата на жените не смее да биде годишна кампања. Таа мора да биде секојдневна обврска на државата“, велат организациите.
Повикот за одговорност доаѓа по протести во Скопје по фемицидот во Богданци. На денешниот протест жителка на Богданци изјави дека Билјана Кириќ со недели не одела на училиште и никој не го пријавил тоа.
Фото: прес-материјал од настанот


