Почетна
Македонија

„Доста е, не чекаме осма жртва“: Граѓански организации бараат итни мерки за заштита

Организациите бараат истраги за институционалното постапување, законски измени и пренасочување на пари од симболични настани кон заштита на жртвите.

·Македонија
„Доста е, не чекаме осма жртва“: Граѓански организации бараат итни мерки за заштита

Три граѓански мрежи побараа итни истраги за институционалното постапување, измени на законите и осигурување на финансиски средства за заштита на жртвите по низа фемицида во земјата. Во отворено писмо тие ја предложија и мораториум на свечените и промотивните настани предвидени во рамки на овогодишните „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Писмото е потпишано од Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Организациите наведуваат дека до сега се случиле седум фемицида, а последната жртва е 17-годишна девојка од Богданци.

Потписничките тврдат дека институциите не обезбедиле заштита дури и во случаи кога жртвите претходно пријавувале насилство и барале помош. „Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи“, порачуваат тие во писмото.

Клучни барања

Од Владата, Собранието и надлежните институции организациите бараат низа итни мерки и обврски:

  • Независна и темелна истрага за постапувањето во сите случаи на фемицид, особено кога насилството претходно било пријавено, со утврдување индивидуална и институционална одговорност.
  • Итни законски измени за заштита од насилство, вклучително регулирање на итни мерки и користење електронски алки.
  • Враќање на поимите род и родова еднаквост во образовните закони, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование.
  • Усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство, со конкретни рокови за институциите.
  • Обезбедување буџет и стручни кадри за полицијата, социјалните служби, обвинителствата, судовите и здравствените установи.
  • Стабилно јавно финансирање на специјализираните услуги, меѓу кои засолништа, кризна интервенција, психосоцијална и правна помош, услуги за деца и програми за работа со сторителите.
  • Јавен и обврзувачки план со јасни задолженија, рокови, буџет и мерливи резултати, за чие исполнување Владата и Собранието редовно ќе известуваат.

Организациите бараат средствата за свечености и симболични кампањи да се пренасочат кон непосредна заштита на жените. Тие ги повикуваат Обединетите нации, Европската Унија, ОБСЕ, амбасадите и донаторите да го искористат својот политички авторитет за да побараат отчет од институциите.

Како предлог за промена на пристапот, потписничките предлагаат овогодишните „16 дена активизам“ да станат „16 дена на институционална одговорност“, во кои ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат обврски. „Портокаловата боја не спасува животи. Институциите треба да спасуваат животи“, стои во писмото.

„Доста е. Не чекаме осма жртва“, порачаа на крајот Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи