Иде Дунав: Нуклеарката „Пакш“ го зголемува производството
Порастот на водостојот на Дунав овозможи рестартирање на втората турбина во Пакш, но властите предупредуваат дека подобрувањето може да биде привремено.

Зголемувањето на водостојот на Дунав ѝ даде можност на Унгарија да почне со рестартирање на втората турбина во нуклеарната централа Пакш, поради што ограничувањата во работењето очекувано ќе се намалат.
Петер Маѓар, премиер на Унгарија, соопшти дека процесот на рестартирање започнал откако нивото на Дунав се покачило за 19 сантиметри споредено со најниското измерено ниво од минатата недела. Според најавите, турбината ќе почне да произведува електрична енергија во понеделничката вечер.
Нуклеарката Пакш произведува околу половина од електричната енергија во земјата. Поради продолжениот топлотен бран и сушата, нискиот водостој на Дунав го намали работењето на централата на приближно 10 отсто од нејзиниот капацитет — во најтешкиот период од вкупно осум турбини работеше само една.
Вонредни мерки во регионот
Слични проблеми имаше и Романија: во август таму беше прогласена енергетска вонредна состојба, дел од протокот на реката беше пренасочен за да се овозможи непречено работење на единствената нуклеарна централа, а како итна мерка беа потопени и четири баржи во Дунав за да се заштити системот за ладење.
Маѓар предупреди дека сегашното покачување на водостојот може да биде само привременно и најави побарување долгорочни решенија. Една од опциите е и преиспитување на планираната проширена фаза „Пакш 2“, бидејќи според сегашниот план, новиот објект би бил зависен од водата од Дунав за ладење.
Паралелно, унгарската влада планира диверзификација на производството на електрична енергија. До 31 август треба да биде објавен јавен тендер за изградба на ветерни паркови со планиран капацитет од 700 мегавати, а целта е развој на вкупно четири гигавати капацитет од ветерната енергија.
Високите температури и сушата ова лето предизвикаа сериозни проблеми не само во производството на електрична енергија, туку и во транспортот и јавното здравје во повеќе европски земји.
Фото: uginuli kaktus / Google Maps