ИЈЗ: „Комуналец“ Гостивар да ја провери стручноста на вработените и да зајакне мониторингот на хлор
Институтот бара континуирано следење на резидуалниот хлор, проверка на стручноста на вработените и ревизија на програмата за мониторинг по укинувањето на епидемијата во Гостивар.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати низа технички и организациски препораки до ЈКП „Комуналец“ Гостивар, еден месец откако во градот беше прогласена епидемија поврзана со загадување на вода за пиење. Целта на мерките е да се спречат нови инциденти и да се зајакне секојдневното управување со системот за снабдување.
Проверки на кадарот и засилување на мониторингот
ИЈЗ бара континуирано следење на количината на хлор низ целата мрежа — од изворот до крајните потрошувачи — и воспоставување автоматизиран систем за следење на параметрите релевантни за процесот на дезинфекција, со посебен акцент на резидуалниот слободен хлор и мерења на повеќе точки во дистрибутивната мрежа, со можност за автоматско алармирање при отстапување од дозволените вредности.
Како задолжителна активност Институтот предлага да се провери дали персоналот вработен на критичните места во дистрибутивниот систем има соодветна стручна подготовка и основни знаења за безбедноста на водата за пиење, а тоа да го направат овластени правни лица. Исто така се препорачуваат континуирани обуки за персоналот задолжен за управување и одржување, додека вработените во првата заштитна зона треба редовно да поминуваат здравствено‑хигиенски прегледи.
„По укинување на кризната состојба во Гостивар, да се обезбеди резидуален слободен хлор во дистрибутивната мрежа во концентрации соодветни за одржување на микробиолошката безбедност на водата, при што целната оперативна вредност да биде во ранг од 0,2–0,5 mg/L, согласно условите на системот и важечките прописи. Да се изврши и хидраулична и оперативна анализа на дистрибутивната мрежа со цел идентификување на причините за варијациите на резидуалниот слободен хлор, особено во однос на задржувањето на водата, мртвите краци, зоните со намалена потрошувачка, промените во протокот, потенцијална можност за мешање на води од различни делови на системот и други услови кои можат да влијаат врз времето на задржување и потрошувачката на хлор“, се наведува во препораките на ИЈЗ.
Институтот советува и ревизија на постојната Програма за мониторинг заснована на проценка на ризикот, со цел да се опфатат сите критични контролни точки и мерки за управување со ризик во целиот систем. Во Планот за периодично испирање посебен фокус треба да се стави на крајните, периферните и слабо проточните делови каде што може да се задржува вода.
Како долгорочни мерки се предлага обезбедување доволен капацитет на водоснабдувањето за сите населени места, особено во периоди со зголемена потрошувачка, и пронаоѓање нови изворишта за да се задоволат зголемените потреби. Во секојдневната работа, претпријатието треба да врши редовен мониторинг на квалитетот и безбедноста на водата, односно дневна контрола на базичните параметри, како и техничка проценка на состојбата, функционалноста и капацитетот на филтерната станица.
Исто така, ИЈЗ им препорача на комуналните инспектори во Општина Гостивар да ги зголемат теренските контроли за рационално користење на водата и да проверуваат за потенцијални недозволени приклучоци или истекувања. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информира дека е укината епидемиската состојба во Гостивар, која беше прогласена пред еден месец.
Фото: прес-материјал од настанот