Почетна
Македонија

Или побрз влез во ЕУ или новите правила немаат смисла

Аналитичари предупредуваат дека привремените ограничувања на правата на новите членки имаат смисла само ако доаѓаат со забрзан пат до полноправно членство.

·Македонија
Или побрз влез во ЕУ или новите правила немаат смисла

Во Брисел се разгледуваат предлози за промени во начинот на кој ЕУ ќе ги третира новите членки, а во Скопје алармираат дека намалување на правата на новопримените држави треба да биде условено со побрз пристап до полноправно членство.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски го потсети политичкиот контекст со зборовите: „ Не е исто Македонија да чека 10 години внатре во Европската Унија за да ги добие полните права и да чека 10 години надвор само за да го започне процесот“. Арсовски ги согледува како дел од пакетот опции кои се разгледуваат во Брисел — привремено ограничување на правото на вето за новите членки, намалена пристапност до европските фондови или дури намалување на бројот на еврокомесари — но потенцира дека тие имаат политичка смисла само ако се поврзани со забрзување на пристапувањето.

Побрз влез, ама со помалку права — ако тоа е вистински бизнис

Арсовски предупредува дека клучниот ризик е новиот модел да се претвори во дополителен слој услови без реална противвредност за кандидатите. „На кандидатите практично би им се кажало: ќе имате помалку права, но ќе влезете побрзо, а периодот до добивањето на полните права ќе го поминете внатре. Но, ако тоа се претвори во двојно губење, односно да се чека подолго, а на крај да се добијат помалку права, тогаш сериозно ќе биде нарушен кредибилитетот на пристапувањето“ — објаснува Арсовски.

Тој вели дека зад предлозите стои стравот дека Унијата со повеќе од 30 членки би можела да стане понеефикасна, особено во полињата каде што одлуките се носат едногласно. „Системот во кој поединечни земји членки можат да блокираат одлуки за буџетот за одбрана, санкциите кон Русија и други важни прашања создава проблем за функционирањето на Унијата. Дополнителен проблем е внесувањето билатерални спорови во пристапниот процес. Постои стравување дека, на пример, ако биде примена Албанија, таа подоцна би можела да ја попречува Србија. Истото важи и за Црна Гора, бидејќи во поново време односите таму се влошени. Се разбира, ова не е пријатна вест за новите земји членки. Но, колку што јас го разбирам документот, сепак станува збор за привремено решение“ — вели Арсовски.

Други аналитичари ги гледаат делумно како „пробни балони“ сигналите од Брисел. Синиша Пекевски вели: „Реално гледано, ЕУ се соочува со големи внатрешни проблеми и во моментот фокусот не е на прием на нови членки, туку кон преструктуирање на самата ЕУ, намалување на силата на радикалната десница, особено во Германија, како и војната во Украина, која предизвикува сериозни проблеми на економски план во ЕУ.“ Тој не очекува брзи промени во политиката кон кандидатите и додава: „Ветото е силна алатка за остварување одредени цели и верувам дека ниедна држава нема да сака да се откаже од таа алатка“ — посочува Пекевски.

За земјите од Западен Балкан, прашањето е конкретно: Македонија е кандидат од 2005 година, ја одржа првата меѓувладина конференција во јули 2022 година и го заврши скринингот во декември 2023 година. Крајниот исход ќе зависи дали евентуалните преодни механизми навистина ќе бидат проследени со побрз, предвидлив пат до полноправно членство или ќе се претворат во уште еден фактор што дополнително ќе ги пролонгира процесите.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поврзани написи