Предлог-закон: вработените мајки да добиваат поврат на 100% од данокот на личен доход
Пратеникот Миле Цеков предлага враќање на веќе платениот персонален данок во временски периоди зависни од бројот на деца.

Во Собраниска процедура е доставен предлог-изменување кое предвидува вработените мајки во земјата да добиваат целосен поврат на платениот данок на личен доход од своите плати.
Кој ќе има право и колку ќе трае повратот
„Конкретно, со предложеното дополнување да се предвидува право на вработената мајка на поврат на 100% од платениот данок на личен доход што произлегува од нејзината плата и тоа за мајка на првородено дете во период од 12 месеци, за мајка на второродено дете во период од 24 месеци, а за мајка на третородено дете до наполнување на 18 години на детето.“
Со овој пристап поддршката не се реализира преку воведување нови дополнителни социјални надоместоци или директни исплати од државниот буџет, туку преку враќање на веќе платениот персонален данок. Исто така, останува постојниот механизам за пресметка и уплата на данокот, што директно го зголемува расположливиот месечен доход на семејствата.
Во предлог-законот се наведува дека целта е да се подобри материјалната положба на семејствата со деца, да се зголеми финансиската сигурност на вработените мајки и да се олесни усогласувањето на работниот и семејниот живот, како и да се придонесе кон долгорочните демографски цели и поттикнување на наталитетот.
Измените ги предлага пратеникот Миле Цеков, кој претходно беше дел од ЗНАМ, но неодамна се оддвои од партијата и сега дејствува како независен пратеник. Предлог-законот е доставен во Собранието и ќе треба да помине парламентарна процедура.
Периодот на користење на мерката е директно поврзан со бројот на деца во семејството, што според предлагачите испраќа јасна јавна порака за поддршка на родителството и посилна помош за семејствата со повеќе деца.
Фото: прес-материјал од настанот


