Прва трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром
По повеќемесечни подготовки на Клиниките за нефрологија и урологија, мајка дарува бубрег на свое дете со Алпортов синдром.

Во земјава е извршена првата трансплантација на бубрег во која мајка дарува бубрег на свое дете со дијагностициран Алпортов синдром, соопштија здравствените институции. Операцијата се смета за значаен исчекор во третманот на пациенти со ова ретко, наследно заболување кое постапно ги оштетува бубрежните ткива и може да доведе до бубрежна инсуфициенција и потреба од дијализа.
Детални подготовки и европски препораки
Националната канцеларија за координација на трансплантации информира дека по спроведените испитувања била потврдена компатибилноста меѓу донорот и примателот, а мајката била оценета како соодветен жив дарител по повеќемесечни клинички подготовки на Клиниката за нефрологија и на Клиниката за урологија. Интервенцијата беше изведена со тим од хирурзи, анестезиолози, интернисти и имунолози.
„Зошто е важно, затоа што првпат се водиме по препораките од три стручни европски здруженија коишто се објавени во 2024- та година дека иако Алпортот е генетско заболување кое и родител може да го носи, меѓутоа ако родителот нема клинички знаци на заболување и е над 40 или 45 години може да биде дарител. Една храбра, навистина храбра мајка со големо срце после подолги подготовки на Клиниката за нефрологија и на Клиниката за урологија повеќе месеци траеа тие подготовки, колегите хирурзи, анестезиолози, интернисти, имунолози сите кои беа вклучени во овој процес успеаа да направат да влеземе во светските трендови, можеби и меѓу првите да трансплантираме мајка носител на ген на дете со манифестна болест,“ изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, Национален координатор за трансплантација.
Според податоците на координаторството за трансплантации, во 2026 година се реализирани девет трансплантации од жив дарител и седум трансплантации на бубрег од починат дарител.
Исто така е соопштено дека во текот на 2026 – та до сега биле обработени десет потенцијални донори со дијагностицирана мозочна смрт чиј органи биле соодветни за дарување, а четири трансплантации биле извршени од починат донор по добиена согласност.
„Тешко е со сите да се разговара, сите губат близок, но нема потешко кога се разговара со родител кој што губи дете. И од статистиката што ја имаме повеќе согласност дале родители за своите деца да даруваат органи. Веројатно тоа е и некоја утеха за нив дека дел од нивните деца ќе продолжи да живее. Но навистина е тешко, кој не присуствувал на тие разговори не може да знае колку се тие и емотивно оптоварувачки и тешки и ние се соживуваме со семејството на дарителот, а пред нас е голема работа да организираме трансплантација,“ додаде проф. Кузмановска.
Кузмановска посочи дека Законот за органодарителство е поминат во Собрание, дека се во тек подзаконските акти и меѓуресорско усогласување, и оти кога тие ќе бидат завршени би можел да се воведе т.н. хибриден модел што ќе овозможи човек да се изјасни за време на животот, додека до сега важи системот на претпоставена согласност.
Фото: прес-материјал од настанот


