Инспекторатот ја запре постапката за задолжување на Општина Куманово: одлуката оценета како неусогласена со законот
Државниот инспекторат утврди неправилности при одобрувањето на заемот; Советот на Куманово одлучи на 4 јули 2026 година со 16 гласа „за“.

Државниот инспекторат за локална самоуправа ја запре примената на одлуката на Советот на Општина Куманово за започнување постапка за долгорочно задолжување во износ од 100.000.000 денари (приближно 1,6 милиони евра), по вонреден инспекциски надзор извршен кон средината на годинава и по утврдување на неусогласености, стои во записникот ИП1 број 21-702 од 04.08.2026 година.
На 4 јули 2026 година мнозинството во советот изгласа почеток на постапка за задолжување кај комерцијалните банки за купување камиони за ЈП „Чистота и зеленило“ и за поставување фотоволтаични системи за ЈП „Водовод“. Предлог-одлуката ја поддржаа советници од ЗНАМ, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, и беше усвоена со 16 гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“.
Советничката група на СДСМ претходно поднесе барање до Инспекторатот и до Државниот управен инспекторат да проверат дали пред донесувањето на одлуката за долгорочно задолжување била спроведена јавна расправа и дали се исполнети условите за финансирање предвидени во член 20 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Наодите на Инспекторатот и реакции од локалната политика
„По извршениот вонреден инспекциски надзор Инспекторатот за локална самоуправа утврдил неправилности во работење на органот за надзор т.е Советот на Општина Куманово, односно дека донесениот пропис не е во согласност со член 20 од Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа и поради оваа неусогласеност инспекторатот ќе изготви решение за запирање на примена на прописот“, изјави на прес-конференција координаторот на советничката група на коалицијата, Томица Илиќ.
Илиќ додаде дека Инспекторатот ќе достави иницијатива до Уставниот суд за утврдување на усогласеноста со законот и дека се надева оти судот ќе го потврди она што опозицијата го барала. Тој исто така рече: „Владејачкото мнозинство немаше слух за незаконитоста во постапката, па затоа сега се отвара прашањето дали свесно работеа против законски заради некои други цели, бидејќи сумата од 100.000.000 денари и начинот на кој ги одбија сите наши укажувања отвараат сериозен сомнеж во намерите на мнозинството.“ И најави поднесување прекршочна и кривична пријава против претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, и против градоначалникот за дозволување и потпишување на, според нив, незаконска одлука.
Од Општина Куманово возвратија дека наодите на Инспекторатот се резултат на погрешно толкување на правото. Во писмена реакција градоначалникот Максим Димитриевски наведува: „Констатациите на Државниот инспектор за локална самоуправа, содржани во Записникот ИП1 број 21-702 од 04.08.2026 година, се целосно неосновани и произлегуваат од еднострано и буквално толкување на законот, кое е во директна спротивност со други важечки законски прописи и со самата логика на постапката. Поради тоа, Општина Куманово, во законски предвидениот рок, ќе поднесе детален и аргументиран приговор против наведениот записник, согласно член 22 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа. Убедени сме во исправноста на нашата постапка и подготвени сме истата да ја докажеме пред сите надлежни институции, вклучително и пред Уставниот суд, доколку Инспекторатот, воден од политички мотиви, истрае во својата намера.“
Општинските власти посочуваат дека постапката за долгорочно задолжување е сложен и повеќефазен процес: советничката одлука е само почетен чекор што треба да продолжи со согласност од Министерството за финансии и со конкретни понуди од комерцијалните банки, по што следува јавна расправа. Градската управа го оцени обвинувањето од опозицијата како координирана акција за запирање на проектот „Еко ефикасни јавни претпријатија“ и развојот на Куманово.
Предлогот за задолжување се поклопи со укинувањето на бесплатниот јавен превоз на 1 јули 2026 година, мерка која траеше три и пол години и чинеше околу 4 милиони евра, што предизвика револт кај советниците од опозицијата кои сметаат дека тие средства биле непотребно потрошени во услови на нерешени проблеми во јавните претпријатија.
Фото: СДК.МК)