Левица: На работниците во „Национални шуми“ наместо К‑15 им се нуди огревно дрво
Партијата тврди дека работниците примаат понуда регресот од 13 670 денари да им биде компензиран со огревно дрво и дека им се бара да потпишат под одговорност.

Партијата Левица соопшти дека на вработените во ЈП „Национални шуми“ наместо регрес за годишен одмор, познат како К‑15, им се нуди огревно дрво.
Според партијата, до нив пристигнале сведоштва и документи од кои се гледа дека регресот во износ од 13 670 денари треба да им биде компензиран со огревно дрво. На работниците, велат од партијата, им се доставува однапред подготвена изјава која треба да ја потпишат за да го прифатат ваквиот начин на исплата, и им се бара потпис под материјална и кривична одговорност.
„До Левица пристигнуваат сведоштва и документи кои го разголуваат односот на оваа вмровска власт кон трудот. Со однапред подготвена изјава, вработените треба да се согласат регресот за годишен одмор од 13 670 денари да им биде компензиран со огревно дрво. И не само тоа! Од работникот се бара изјавата да ја даде под материјална и кривична одговорност“, се вели во соопштението од партијата.
Трајанов и Михаилов меѓу посочените одговорни
Во соопштението, Левица ги посочува директорот на претпријатието Здравко Трајанов и неговиот заменик Кире Михаилов и бара објаснување врз која основа регресот се предлага да се исплаќа во натура.
„Трајанов и Михаилов нека објаснат со какво право работничкиот регрес го претвораат во стока за трампа и кој им дал благослов да се однесуваат како управители на феудален имот! Дали и тие своите примања ги добиваат во цепаници или средновековната економија важи исклучиво за оние што работат под нив? Државното претпријатие е наследен чифлик на ДПМНЕ! Ако нивниот најголем управувачки дострел е да го заменат денарот со цепаница, тогаш нивното место не е во директорските кабинети“, пишуваат од Левица.
Партијата потсетува на член 8 од Законот за исплата на платите, за кој наведуваат дека забранува исплата на плати и надоместоци во бонови и натура, како и на Законот за работните односи, според кој регресот е парично право на работниците.
Во заклучок, Левица бара итна одговорност и повикува Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор во ЈП „Национални шуми“.
Фото: Левица


