Почетна
Македонија

Институт: Тројца пратеници воопшто не се обратиле во Собранието во првата половина од минатата година

Алатката објавена од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје ја покажува присутноста и активноста на пратениците во првата половина од минатата година.

·Македонија
Институт: Тројца пратеници воопшто не се обратиле во Собранието во првата половина од минатата година

Алатката пратеници.мк, објавена од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје, покажува дека тројца пратеници воопшто не кажале ниту збор во Собранието во првата половина од минатата година.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, лидерот на ДПА Мендух Тачи и пратеничката од ВМРО‑ДПМНЕ Валентина Марчевска за шестмесечниот период не се јавиле за дискусија, не поставиле пратеничко прашање, не предложиле закон или амандман и не биле членови на собраниска комисија.

Присуство и активност

Податоците покажуваат голема разлика во присуството: Марчевска била на сите 56 седници, додека Ахмети присуствувал само на три, а Тачи на четири. На листата на најнередовни се и Садула Дураки со 15, Скендер Реџепи од Попули со 16, и Ваљбона Адили‑Емини од Беса со 16 присуства од вкупно 56 седници.

Според базата, 45 од вкупно 120 пратеници воопшто не се јавиле да дискутираат, две третини не поставиле пратеничко прашање, 36 не учествувале во предлагање амандмани, а 13 не ставиле потпис на ниту еден предлог‑закон.

Иако Собранието редовно објавува извештаи за активноста на пратениците, новата пребарувачка алатка го олеснува следењето и прецизно го покажува кој што сработил. Во ИДСЦС нагласуваат дека поголема транспарентност и отчетност се чекор во вистинска насока.

„Моментално, онака како што е позициониран начинот на избор на пратеници во нашето Собрание, граѓаните немаат прилика да избираат поединечни имиња, туку гласаат за листи коишто претходно се утврдени од страна на политичките партии, па ова би можело да биде и добар механизам за самите политички партии како луѓето коишто ги ставиле на тие листи се покажуваат, односно го доловуваат моментот на претставништво во самото Собрание“, вели Александра Јовевска Ѓорѓевиќ од ИДСЦС.

Алатката исто така ги означува и најактивните пратеници во првата половина од минатата година: Бојан Стојановски (ВМРО‑ДПМНЕ), Сали Мурати (Движењето на Турците), Јованка Тренчевска (СДСМ), Тони Јаревски (ВМРО‑ДПМНЕ) и Даниела Николова (СДСМ).

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи