Институтот за јавно здравје: Уживајте во летото, но заштитете се од сексуално преносливи инфекции
ИЈЗ апелира на употреба на кондом, редовно тестирање, навремено лекување и вакцинација против ХПВ и хепатит Б.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повика граѓаните да уживаат во летото, но и да преземат конкретни мерки за заштита од сексуално преносливи инфекции (СПИ), при што дојде до поширока информираност за препознавање, превенција и грижа.
Во соопштението се потенцира дека навремено тестирање, правилно лекување и мерките на превенција се најдобрата заштита за поединецот и за јавноста.
ИЈЗ ги опиша и ризиците поврзани со нелекуваните инфекции, како и симптомите кои бараат брза медицинска проверка.
Препораки и практични совети
„Сексуално преносливите инфекции (СПИ) се инфекции кои најчесто се пренесуваат преку незаштитен сексуален контакт – вагинален, анален или орален. Тие можат да бидат предизвикани од бактерии, вируси или други микроорганизми. Некои СПИ предизвикуваат јасни симптоми, додека други можат долго време да поминат незабележано. Лице кое нема симптоми сепак може да ја пренесе инфекцијата на сексуалниот партнер. Нелекуваните СПИ можат да доведат до сериозни здравствени последици, вклучително воспаленија на репродуктивните органи, проблеми со плодноста, компликации во бременоста и зголемен ризик од одредени видови рак“, истакнуваат од Институтот за јавно здравје.
Институтот советува доследно користење на кондом при сексуални односи, напоменувајќи дека правилната употреба значително го намалува ризикот од повеќето СПИ, и потсетува на важноста од редовно тестирање — особено за лица кои имаат нови или повеќе партнери, или сомневање за изложеност. Исто така, апелира за навремено обраќање кај лекар при симптоми како необичен исцедок, печење при мокрење, болка во гениталната област или промени на кожата и слузниците.
„Сексуалното здравје е важен дел од целокупното здравје. За намалување на ризикот од СПИ се препорачува користење кондом при сексуални односи – правилната употреба значително го намалува ризикот од повеќето СПИ, редовно тестирање – особено кај лица кои имаат нови или повеќе сексуални партнери или сомневање за изложеност. Потоа, навремена посета на лекар при појава на симптоми како необичен исцедок, печење при мокрење, болка во гениталната област, појава на промени на кожата или слузниците“, потенцираат од ИЈЗ.
ИЈЗ дополнително предупредува да не се користат антибиотици или други лекови без препорака од лекар, бидејќи неправилното лекување може да доведе до компликации и отпорност на лековите. Институтот напомена дека постојат ефикасни вакцини против ХПВ и против хепатит Б и апелира на отворена комуникација со партнерот и одговорно сексуално однесување.
„СПИ може да му се случат на секого. Раното откривање, правилното лекување и превенцијата се најдобар начин за заштита на сопственото здравје и здравјето на другите“, велат од Институтот за јавно здравје и упатуваат на веб-страницата на ИЈЗ за повеќе информации за ХПВ, хламидија, сифилис, ХИВ, генитален херпес, хепатит Б и општите препораки за превенција.
Фото: Profimedia / Facebook