Интензивна истрага по убиството во Дуќанџик: еден од осомничените е во затвор, вели Тошковски
Министерството за внатрешни работи соопштува првични информации и обезбедени докази по пукањето во кое загина 26‑годишник.

Интензивна истрага се води по убиството на 26-годишникот во населбата Дуќанџик, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според МВР, инцидентот се случил синоќа во 23:30 часот. На близината од раскрсницата со улиците „Свети Прохор Пчињски“ и „Војдан Чернодрински“ стоела група од петмина лица кога две лица на мотоцикл им се приближиле и почнале да пукаат, по што се дале во бегство. Еден од испуканите проектили го погоди 26-годишниот А.М. од Скопје, кој со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Клиничкиот центар – Скопје, каде подоцна починал.
Тошковски, во гостувањето на Вести плус на Канал 5 телевизија, рече дека МВР располага со првични информации за сторителите и дека еден од учесниците моментално е на издржување казна затвор. Тој најави дека се обезбедени соодветни докази и дека МВР, заедно со Јавното обвинителство, ќе ја испита целосно ситуацијата.
„Во овој момент официјално не би можел да издвојам кои се мотивите. Можам само да истакнам дека интензивно се работи на предметното кривично дело. Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите, така што се надевам дека најбрзо што може ќе ги обезбедиме и тие ќе бидат предмет на кривичен прогон, како што, да речеме, беа и многумина во изминатиот период, а притоа сторија огромен број кривични дела во изминативе години. И сега имаме таков случај“, рече Тошковски во врска со вчерашното убиство.
Министерот истакна и загриженост поради влијанија од пенитенцијарниот систем и рече дека оваа тема била присутна на неодамнешна конференција на која учествувал заедно со ОБСЕ и повеќе странски дипломати, меѓу кои и американската амбасадорка. „И сега имаме таков случај. Согласно првичните информации што ги имам, еден од учесниците во рамки на овој кривично-правен настан е лице кое е уапсено од страна на МВР и кое моментално е на издржување казна затвор. Дали било пуштено, ослободено или така натаму, сè уште е рано да навлегуваме во тие детали. МВР, заедно со Јавното обвинителство, целосно ќе ја испита ситуацијата“, рече тој.
Тошковски додаде дека, иако според него бројот на насилни кривични дела поврзани со организиран криминал е драстично намален во однос на претходните години, ваквите инциденти сè уште претставуваат загриженост за безбедноста и за работата на МВР.
Фото: прес-материјал од настанот


