Почетна
Македонија

Пелистер: обновување на инфраструктурата, план за гондола и предизвици за заштита

Националниот парк, кој го посетуваат околу 50.000 луѓе годишно, добива патеки и проекти, но експертите предупредуваат дека развојот мора да ја штити природата.

·Македонија
Пелистер: обновување на инфраструктурата, план за гондола и предизвици за заштита

Од Битола до Пелистер има околу десетина километри — доволно за градската врева да ја замени моликовата шума, чистиот планински воздух и пејзажот што со децении го прави Пелистер едно од најпрепознатливите места во земјата. Пелистер е прогласен за прв национален парк во земјата пред речиси осум децении и и натаму привлекува научни истражувања и илјадници посетители.

Во последниот период раководството на паркот се фокусираше на обновување на туристичката инфраструктура — маркирани патеки, информативни табли и уредување на најпосетените локалитети, со цел планината да стане полесна и побезбедна за посетување. Во срцето на националниот парк се наоѓа хотелот „Молика“, најголемиот капацитет за сместување на Пелистер, кој очекува повеќе домашни и странски гости.

Пристап, гондола и обврска за заштита

Пелистер сè почесто го посетуваат планинари, велосипедисти и љубители на природата — годишно националниот парк бележи околу 50.000 посетители. Една од најчестите забелешки останува патниот пристап: подобра инфраструктура би значела полесен дојдов и повеќе посетители.

Во план е и изградба на гондола од Цапари до Антената, инвестиција проценета на над 58 милиони евра. "Нашиот предлог е гондолата да започнува од подрачјето на Цапари, од локација што дополнително ќе се утврди. Првата делница би била со гондола за 10 лица до Ловечкиот дом, а оттаму со поголема гондола, со капацитет од 80 лица, до врвот Пелистер. На меѓустаницата е предвиден помал бар или ресторан, додека кај објектот на Македонската радио-телевизија на врвот би се изградил поголем ресторан. Таа инфраструктура би се користела во текот на целата година. За посетителите е предвидена и ротирачка платформа за разгледување, која ќе овозможува панорамски поглед од 360 степени," вели Франц Фурлан, експерт за жичници од Словенија.

Експертите предупредуваат дека развојот мора да оди рака под рака со заштитата. Минатогодишното силно невреме остави сериозни последици врз дел од старите моликови шуми: голем број стебла беа оштетени, па приоритет е воспоставување шумски ред, расчистување на оштетените површини и природно обновување на шумата.

Одговорноста за зачувување на Пелистер не почнува и не завршува само со институциите — таа започнува со секој посетител. „На индивидуално ниво, можеби Швеѓаните можат да ги научат Македонците да не фрлаат ѓубре – во шумите. Во Македонија можеби има подобро овошје и зеленчук отколку во Шведска, но ние сме подобри затоа што не фрламе ѓубре во природата. Тоа е лекцијата што може да се научи од шведскиот народ,“ рече Ола Солстром, амбасадор на Шведска во Македонија.

Пелистер е дом на ретки видови и останува едно од највредните природни богатства во земјата. Комбинацијата од обновена инфраструктура, внимателно планирани проекти и јавна свест ќе одлучи дали паркот ќе успее да се развива, а да го зачува она што го прави единствен.

Новинар: Емилија Мисирлиевски
Снимател: Златко Јосифовски

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи