Охридскиот аеродром доби реконструиран терминал, инвестицијата е 2,7 милиони евра
Реконструиран патнички терминал на Аеродромот Охрид „Св. Апостол Павле“ со поголем број шалтери, проширени простории и нова опрема по инвестиција од 2,7 милиони евра.

Со инвестицја од 2,7 милиони евра денеска, на 8 септември 2026 година, беше презентирана реконструираниот патнички терминал на Аеродромот Охрид „Св. Апостол Павле“, со зголемен број шалтери, проширени чек-ин простори, посебни зони за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизиран паркинг и нова опрема и технологии за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Проектот опфати и помошни простории и, како што е посочено, е реализиран без прекин на тековното работење и без нарушување на летните распореди и протокот на патници.
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштањето во употреба и ја поздрави вложената инвестиција како дел од растот на сообраќајот кон Охрид.
- Со ова охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло поинаков квалитет и убеден сум дека во периодот којшто следи бројот на патниците, но и бројот на компаниите коишто ги користат услугите на охридскиот аеродром ќе се зголемува. Оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Имаме ден со најголем број патници досега во историјата — повеќе од 3.000. А исто така има и денови кога имаме повеќе од 20 полетувања, што исто така претставува само по себе еден значаен податок којшто е за почит. Убеден дека во периодот којшто претстои со сите градежни активности и поддршката којашто ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки коишто претставуваат наш нов таргет, рече Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека по напорна работа практично се отвора нов аеродром — терминална зграда која ќе значи многу подобро искуство за патниците, и потсети дека последните големи интервенции биле во 1970 година.
- Охридскиот аеродром само од јануари до јуни оваа година има над 240.000 патници, а двата аеродроми оваа година заедно ќе се приближат до 4 милиони, нешто што беше незамисливо за нашите аеродроми, и ќе продолжиме да растеме - рече Николоски.
- Најтешката делница ќе се отвори во следните месеци. Очекувам во текот на првото полугодие од следната година да се отвори целиот автопат, а секако продолжуваме и на работа на останатите делници коишто треба да значат поврзување и со Скопје и со скопскиот аеродром - најави Николоски.
Извршниот директор на ТАВ Македонија, Серкан Каптан, посочи дека компанијата инвестирала 2,7 милиони евра во унапредување на инфраструктурата во Охрид и дека во македонските аеродроми досега инвестирале речиси 300 милиони евра.
- Во овој период, ја зголемивме поврзаноста и годишниот сообраќај за повеќе од четири пати. Во 2026 година, македонските аеродроми се меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа. Постигнавме раст од речиси 30 проценти во споредба со претходната година. Охридскиот аеродром го забележа најуспешниот јули во својата историја, поставувајќи нови рекорди и во бројот на патници и во бројот на реализирани летови - рече Каптан.
Фото: прес-материјал од настанот


