Иран користел „Старлинк“ за координација на напади врз американски сили
Извори велат дека Иран ја користел мрежата како алтернатива по ударите врз комуникациската инфраструктура; Пентагон тврди дека нема сознанија.

Иранските сили користеле сателитската интернет-мрежа „Старлинк“ на компанијата „Спејс екс“ за комуникација и координација при напади врз американските сили на Блискиот Исток, тврдат четири извори запознаени со операциите.
Изворите велат дека иранската армија почнала да ја користи мрежата како алтернатива откако САД и Израел ги засилија ударите врз делови од иранската комуникациска инфраструктура.
Извештај до министерот за одбрана и ставот на Пентагон
Еден од изворите изјавил дека Централната команда на американската војска (CENTCOM) летово доставила доверлив извештај до министерот за одбрана Пит Хегсет, во кој, според изворот, било наведено дека Иран го користел „Старлинк“ и за координација на напади со беспилотни летала. Портпаролката на Пентагон, Кингсли Вилсон, изјавила дека Министерството за одбрана нема сознанија за постоење на таков извештај.
Изворите додаваат дека Илон Маск дознал за неовластеното користење на мрежата од страна на Иран на почетокот на март. Ниту Маск ниту „Спејс екс“ не одговориле на прашања. Компанијата меѓутоа вовела построги проверки при продажбата на терминалите.
Аналитичари посочуваат дека целосното исклучување на „Старлинк“ во Иран би го погодило и цивилното население кое се потпира на сателитската врска за пристап до интернет кога другите мрежи се во прекин, што ја отежнува одлуката дали и како да се избегне злоупотреба на услугата.
Фото: прес-материјал од настанот


