Истражување: Парацетамол во бременост поврзан со промени во репродуктивните органи на ќерките
Истражување открива помали јајници и матка, помал број фоликули и пониски репродуктивни хормони кај девојчиња чиј мајки употребувале парацетамол.

Нова опсервациона студија од Универзитетската болница во Копенхаген го поврзува земањето парацетамол за време на бременоста со мерливи промени во репродуктивните органи на ќерките.
Парацетамолот е најчесто користениот лек против болки за време на бременоста, а прашањето за неговата безбедност се врати во фокусот по неодамнешните контроверзии за можна врска меѓу примањето парацетамол во бременоста и ризикот од аутизам, особено во Соединетите Држави.
Студијата, објавена во списанието Human Reproduction Open, покажа дека девојчињата чијшто мајки земале парацетамол за време на бременоста имале помали јајници и матка, помал број фоликули и пониски нивоа на репродуктивни хормони на возраст од три месеци — промени кои, според авторите, подоцна би можеле да влијаат на плодноста. Земањето парацетамол во раната бременост, пред 17-тата недела, резултирало со околу 40 отсто помал волумен на јајниците и 13 отсто помал волумен на матката кај девојчињата. Земањето во подоцнежната бременост било поврзано со 23 отсто помал број фоликули во јајниците.
Однос доза-одговор
Анализата покажа и однос доза-одговор: поголема изложеност на парацетамол била поврзана со поизразени анатомски разлики. Истражувачите нагласуваат дека жените во студијата земале релативно мали количини парацетамол и дека ниту една не ја надминала препорачаната максимална дневна доза од 4000 милиграми.
Истражувачкиот тим, предводен од Маргит Биструп Фишер, посочува дека резултатите се во согласност со претходни студии врз животни кои покажуваат намалена плодност и пократок репродуктивен период кај женските потомци по изложеност на парацетамол во мајката. Меѓутоа, повеќе експерти повикаа на претпазливост, критикувајќи ги методолошките слабости и потенцијалната пристрасност во анализата.
Авторите истакнуваат дека станува збор за опсервациона студија и дека резултатите не докажуваат причинско-последична врска. Би било потребно долгорочно следење за да се утврди дали забележаните разлики навистина ќе се одразат на плодноста или на времето на менопаузата.
Фото: прес-материјал од настанот


