Почетна
Магазин

Итно предупредување за туристите: Забрането користење на чешмова вода во Сивири, Халкидики

Здравствените власти издадоа забрана откако лабораториските анализи открија микробиолошка контаминација; советуваат користење флаширана или зовриена вода.

·Магазин
Итно предупредување за туристите: Забрането користење на чешмова вода во Сивири, Халкидики

Здравствените власти во Грција издадоа итно предупредување и забрана за користење на водата од водоводната мрежа во туристичкото место Сивири на Халкидики, откако лабораториските анализи покажале присуство на микробиолошка контаминација.

Според официјалното известување, водата од чешма не смее да се користи за пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, ниту за миење заби, бидејќи не ги исполнува здравствените стандарди за безбедна употреба.

Дезинфекција и понатамошни анализи

По откривањето на загадувањето, локалните служби веднаш започнале со дезинфекција на водоводната мрежа и дополнително хлорирање на системот. Во наредните денови ќе се земаат нови примероци за лабораториска анализа, а забраната ќе остане во сила сѐ додека не се потврди дека водата повторно е здравствено исправна.

Како привремена мерка, се препорачува да се користи флаширана вода, а доколку тоа не е можно, водата задолжително да се зоврие доволно долго пред да се употреби за пиење или подготовка на храна. Надлежните ги повикаа жителите, угостителите и туристите строго да ги почитуваат препораките.

Сивири е едно од најпопуларните летувалишта на првиот крак на Халкидики и секое лето таму престојуваат илјадници туристи, меѓу кои и голем број посетители од Македонија, па затоа здравствените власти апелираат сите кои моментално се наоѓаат во местото да ги следат официјалните известувања и да не ја користат водата од водоводот за консумирање.

Иако засега не се соопштени информации за лица со здравствени последици поврзани со контаминацијата, експертите предупредуваат дека користењето микробиолошки загадена вода може да предизвика стомачни инфекции и други здравствени проблеми, особено кај деца, постари лица и лица со ослабен имунитет. Надлежните најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога анализите ќе покажат дека водата повторно е безбедна за употреба и кога забраната ќе биде укината.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи