Откриени детали за смртта на 17-годишната Билјана – пронајдени остатоци во изгорено возило
Остатоците од 17-годишната беа пронајдени во изгорено возило, а против 21-годишниот имало претходни пријави и изречени мерки за заштита.

Полицијата и Обвинителството го истражуваат случајот во близина на Богданци во кој животот ги загубија 17-годишната Билјана Кириќ и 21-годишниот Виктор Гунтаров; првичните наоди упатуваат на убиство и самоубиство.
Трагедијата беше откриена на 3 ноември околу 18:40 часот, откако пристигнала пријава за опожарено патничко возило на локацијата „Ичева чешма“ во месноста Горно Село кај Богданци. Во изгорениот автомобил биле пронајдени остатоците од малолетната Билјана Кириќ, додека во непосредна близина било пронајдено безживотно телото на нејзиниот 21-годишен другар; неофицијално, тој после палењето на возилото си го одзел животот.
Пријави и судски мерки пред трагедијата
Информациите од надлежните институции потврдуваат дека против Гунтаров биле поведени повеќе постапки за насилство и за загрозување на сигурноста на малолетничката. На 30 септември годинава, околу 21:00 часот, тој бил лишен од слобода по пријава дека физички ја нападнал 17-годишната.
На 16 октомври во Основното јавно обвинителство Гевгелија била поднесена пријава за загрозување на сигурноста на малолетничката; Обвинителството започнало постапка, определило термини за сослушување и наредило соодветни вештачења. Последната пријава била поднесена четири дена пред трагедијата.
Покрај кривичните пријави, во рамките на граѓанска постапка за заштита од семејно насилство, надлежниот суд му изрекол мерки со кои строго му било забрането приближување и вознемирување на девојката — мерки што биле во правна сила во моментот на настанот.
Членови на семејството наведуваат дека Билјана подолго време била жртва на физички напади и малтретирање, и покрај нејзините обиди да ја раскине врската и постоењето на судските мерки кои тој ги кршел. Според неофицијални информации, тој ја присилил да влезе во возилото пред да заминат кон Богданци и претходно ја чекал пред теретана во Гевгелија.
Издадена е наредба за обдукција на телата на двајцата починати за да се утврдат точните причини за смртта. Од повеќе локации се обезбедени снимки од видеонадзор, а истражителите прибираат дополнителни материјални докази додека работат на комплетно расветлување на сите околности.
Фото: Kuebi = Armin Kübelbeck / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)


