Изградена нова фитнес зона во дворот на ОУ „Мирче Ацев“
Проект на Општина Ѓорче Петров со поддршка од Министерството за транспорт и врски; фитнес зоната е една од три предвидени.

Во дворот на основното училиште „Мирче Ацев“ е изградена нова современа фитнес зона, како дел од проект што го спроведува Општина Ѓорче Петров со поддршка од Министерството за транспорт и врски.
Простор за вежбање за ученици и соседи
Зоната е една од вкупно три предвидени во рамки на програмата. Општинските власти наведуваат дека со поставените реквизити учениците и младите ќе добијат функционален простор за физичка активност, рекреација и вежбање, кој ќе биде достапен и за останатите жители од населбата.
„Во изминатиот период инвестиравме во нови и реконструирани спортски терени, фитнес и калистеника зони, како и во унапредување на училишната спортска инфраструктура. Нашата цел е спортот да биде достапен за сите, а особено за нашите деца и млади. Оваа инвестиција е уште еден чекор во тој континуитет. Благодарност до Министерството за транспорт и врски за поддршката во реализацијата на проектот“ – истакна градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Од општината посочуваат дека преку јавно-приватно партнерство сите училишта во Ѓорче Петров ќе добијат фотоволтаици на покривите.
Како што најавуваат, инвестициите во спортската инфраструктура ќе продолжат и во наредниот период со реализација на нови проекти во училиштата, населбите и во постојните спортско-рекреативни комплекси.
Фото: Општина Ѓорче Петров