Почетна
Македонија

Сиљановска‑Давкова: И покрај блокадата, посветени сме на ЕУ‑интеграцијата

На средба со амбасадорите од групата „Пријатели на Западен Балкан“ претседателката ги потенцираше реформите и очекува поддршка од Грција и Италија.

·Македонија
Сиљановска‑Давкова: И покрај блокадата, посветени сме на ЕУ‑интеграцијата

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова денес одржа работна средба во Скопје со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, на која главни теми беа регионалната соработка и европската перспектива на земјата.

Фокус на реформи, усогласување и претстојни претседателства

На средбата претседателката им упати благодарност на амбасадорите — Ирена Андраси (Хрватска), Јоанис Враилас (Грција), Балинт Одор (Унгарија), Винченцо Челесте (Италија), Јурај Ноциар (Словачка) и Владимир Бертл (Чешка) — за нивната поддршка кон регионалните напори и евроинтеграцијата.

Сиљановска‑Давкова ја истакна постигнатата согласност на домашното законодавство со правото на Европската Унија и потполното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како потврда за македонската посветеност кон европскиот пат.

„И покрај блокадата во пристапниот процес, солидното ниво на усогласеност на нашето законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат македонската посветеност на евроинтегративниот процес,“ рече претседателката.

Како дополнителна потврда за напредокот, таа го посочи забрзаното спроведување на Реформската агенда, што, како што подвлече, е наведено и во овогодишниот извештај на Европската комисија.

Сиљановска‑Давкова изрази очекување дека интензивирањето на македонскиот пристапен процес и продлабочувањето на регионалната интеграција ќе бидат приоритет на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија, со посебен акцент на претседателствата на Грција и Италија, кои ги нарече пријатели на Западен Балкан.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Поврзани написи