Сиљановска‑Давкова во Брисел ја потврди посвестеноста на Македонија кон НАТО
Во средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте таа ја нагласи важноста на сојузничкото единство, модернизацијата на војските и поддршката за Украина.

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова, во рамките на работна посета на Брисел, оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и ја реафирмираше посветеноста на македонската држава кон Алијансата и колективната одбрана.
Од Кабинетот на претседателката информираат дека Сиљановска‑Давкова нагласила дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на сојузниците.
Модернизација, инвестиции и стратешки коридори
Претседателката потврдила определба за достигнување на целта за издвојувањата согласно Хашкиот план и посочила дека земјата континуирано вложува во модернизацијата на Армијата, сајбер‑отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура. Таа го оцени и Коридорите 8 и 10 не само како инфраструктурни проекти, туку како стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Сиљановска‑Давкова изрази задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена и оцени дека тоа ја потврдува професионалноста и способноста на Армијата да придонесе во операции предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
"Повикувајќи се на искуството од членството во НАТО, таа укажала дека исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција" – наведуваат од Кабинетот на Сиљановска‑Давкова.
Претседателката ја реафирмираше и поддршката за Украина и потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош како израз на сојузничка солидарност, наведувајќи дека сеопфатниот, праведен и траен мир мора да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.
Фото: прес-материјал од настанот


