Почетна
Македонија

Сиљановска‑Давкова во Брисел: Македонија бара еднаков третман во пристапниот процес кон ЕУ

Претседателката побара суштински дијалог со ЕУ, јасни чекори врз основа на реформи и механизми за надминување на билатералните блокади.

·Македонија
Сиљановска‑Давкова во Брисел: Македонија бара еднаков третман во пристапниот процес кон ЕУ

Македонија очекува еднаков третман со другите земји кандидатки за членство во Европската Унија, заснован на примена на исти правила и стандарди, изјави претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова за време на посетата на Брисел и учеството на Самитот за проширување.

Потребен суштински дијалог и предвидлив процес

На самитот претседателката повика на суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи. Таа нагласи дека политичката волја не смее да се очекува само од земјите кандидатки, туку таа треба да биде покажана и од страна на Унијата, вклучително и преку креативни решенија за надминување на долгогодишните застои.

Сиљановска‑Давкова посочи дека земјата располага со капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека спроведувањето на реформите бара внатрешна политичка волја и поттик од Европската Унија. Таа побара техничката подготвеност и спроведените реформи да добијат соодветно вреднување за процесот да стане предвидлив и мерлив.

„Според неа, по повеќе од три децении, прашањето зошто Словенија е членка на Европската Унија, а Македонија сè уште ја чека својата европска перспектива, укажува на отсуство на политичка волја кај одредени соседи“, рече претседателката, потсетувајќи на мислењето на Бадентеровата комисија од 1992 година.

Како една од опцијите за придвижување на процесот, таа наведе постепена интеграција преку пристап до единствениот пазар, комитолошки механизми, дигитализација и други европски политики кои би овозможиле напредок и во услови на билатерални блокади.

Во рамки на работната посета, Сиљановска‑Давкова оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор за проширување и источно соседство на Европската комисија, за да ги разгледа оперативните и техничките аспекти на пристапниот процес. Предвидени се и средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, како и со претставници на европските институции.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи