Израел повторно ја нападна Газа — убиени најмалку двајца, меѓу нив 4-годишно момче
Два воздушни напади погодиле Завајда и бегалскиот камп Нусеират; меѓу загинатите е четиригодишното дете Мохамад Абдел-Салам Таха.

Два израелски воздушни напади врз Појасот Газа денеска убија најмалку двајца луѓе и ранија седуммина, соопштија здравствените власти во Газа, додека израелската војска порача дека ќе ги интензивира нападите по, како што тврди, лансирањето балони, дронови и змејови од Газа кон Израел.
Еден од нападите погодил зграда во централниот град Завајда, откако армијата им испратила предупредување на сопствениците да ја напуштат областа. Медицинските лица соопштија дека летечкиот отпад и шрапнелите се распрснале на десетици метри околу објектот, а меѓу ранетите бил и четиригодишниот Мохамад Абдел-Салам Таха, кој подоцна починал во болница.
„Нема прекин на огнот, нема ништо. Сакаме решенија, сакаме да живееме во мир“, рече Абу Ахмед, раселен Палестинец што се засолнил во близина на зградата која воздушниот удар ја претворил во куп искривен метал и бетон.
Армијата ја истражува серијата напади
Вториот воздушен напад бил изведен во блискиот бегалски камп Нусеират, соопштија здравствените власти. Израелската војска соопшти дека ги истражува двата напада.
Инцидентите се случуваат во време на кревок прекин на огнот поддржан од САД што влезе во сила во октомври 2025 година. Тој ги запре големите борби, но не ги прекина операциите на израелската армија кои, како што велат воени извори, се наменети за спречување напади од Хамас и други милитанти во Газа.
Во соопштение доцна во саботата армијата соопшти дека во операција бил убиен високопозициониран припадник на Хамас, Шариф Ал-Хаснат, во градот Деир ал-Балах; според армијата, тој ги водел напорите за обновување на „подземната инфраструктура“ на Хамас. Хамас ја обвинува Израел за прекршување на прекинот на огнот и за поткопување на напорите за спроведување на поширокиот план на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува израелско повлекување и разоружување на Хамас.
Повеќе од 1.280 Палестинци се убиени во Газа откако прекинот на огнот стапи во сила во октомври минатата година, според здравствените власти во Газа, додека израелската војска соопшти дека се убиени четворица израелски војници. Израел убил над 72.500 луѓе во Газа за две и пол години, преку 172.000 луѓе се повредени.
Фото: Hassan Jedi / AFP / Profimedia