Почетна
Македонија

Извештајот за непотребните кардиохируршки интервенции остана во архивите на МЗ

Домашни и странски комисии утврдија повеќе сомнителни интервенции, но документите се класифицирани и недостапни.

·Македонија
Извештајот за непотребните кардиохируршки интервенции остана во архивите на МЗ

Извештајот за сомнителни, можеби непотребни операции на срце не стигнал до Обвинителството, туку, според извори во Министерството за здравство, останал во архивите.

Што открија комисите

Случајот започна по пријавите на кардиологот Сашко Кедев, кој тврдел дека приватни болници извршувале непотребни кардиохируршки интервенции за да се наплатат од државата. Министерството за здравство нареди вонредни надзори и формираше домашни и странски стручни комисии, а се апелираше и до граѓаните да пријавуваат сомнителни случаи.

Во ноември 2025 година домашниот експертски тим го потврди сомнежот за 10 од 19 проверени кардиолошки интервенции дека биле непотребни. Неколку месеци подоцна странската комисија, анализирајќи 13 случаи, утврди дека кај девет пациенти биле извршени непотребни интервенции, додека само четири случаи биле оправдани.

Случајот го започна поранешниот министер Азир Алиу. Сегашниот министер за здравство, Сашо Клековски, вели дека сè уште нема увид во извештајот бидејќи не поседува безбедносен сертификат и оти ќе ја соопшти својата позиција откако ќе има пристап. "Тоа ќе треба да го прашате претходниот министер бидејќи тоа е негова одлука. Тој е разгледуван на затворена седница на Владата и во основа до него има пристап само тие што имаат безбедносен сертификат. Јас како директор на фондот за здравство не чувствував дека имам потреба од безбедносен сертификат и не поседувам таков, сега поднесов документи. Тоа е постапка пред националната безбедност каде треба да се помине. Чим го обезбедам сертификатот ќе се запознам со предметот. Мојот личен став е дека надвор од заштита на лични податоци и здравствени податоци на пациентите нема што да се крие во стручните надзори, бидејќи тоа е стручен надзор", рече Сашо Клековски, министер за здравство.

Кардиологот Сашко Кедев, поради застојот во работата и недостиг на целосна завршница и достава на извештаите, пред неколку месеци поднесе оставка и си замина од здравствениот совет при Министерството за здравство.

Граѓаните сè уште чекаат епилог од Обвинителството, додека класификацијата на извештајот и неговото оставање во архивите отвораат нови прашања околу транспарентноста на стручните надзори во здравството.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи