Почетна
Магазин

Јаќимана: Денот на Светите Јоаким и Ана — житие, обичаи и што не смее да се прави

МПЦ-ОА и верниците денес ја одбележуваат родителската пара на Пресвета Богородица; народните обичаи налагаат мир, милост и почит.

·Магазин
Јаќимана: Денот на Светите Јоаким и Ана — житие, обичаи и што не смее да се прави

Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците денес го одбележуваат споменот на праведните родители на Пресвета Богородица, Јоаким и Ана. Овој ден следи по празникот на Малата Богородица.

Житие, родослов и народни обичаи

Во црковното житие се вели дека Свети Јоаким бил син на Варпафир и потекнувал од коленото на царот Давид, додека Ана била ќерка на свештеникот Матан од коленото на Леви. Нејзиниот татко имал три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажила во Витлеем и ја родила Саломија, Совија исто така се омажила во Витлеем и ја родила Елисавета (мајката на Свети Јован Крстител), а Ана во Назарет се омажила за Јоаким.

Јоаким и Ана воделе богоугоден и мирен живот. Биле имотни и приходите ги делеле на три дела: една третина за себе, една третина за сиромасите и една за жртва во ерусалимскиот храм. Во брак биле петдесет години, но немале деца. Во тоа време бездетноста се сметала за голема стигма и божја казна, па многумина ги сметале недостојни.

Кога во старост отишле во храм да принесат жртва, првосвештеникот Исахар го одбил дарот на Јоаким поради нивната бездетност, а народот ги турнал наназад. Длабоко натажени се вратија дома и со солзи се молеа да добијат барем едно дете за утеха. Бог ги услишил нивните молитви и им пратил ангел да им ја објави веста за раѓањето на нивната преблагословена ќерка Марија, преку која ќе дојде спасението на светот. Во деветтиот месец Ана ја родила Пресвета Богородица. Житијата запишуваат дека Јоаким поживеел 80 години, а Ана 79.

Во народот празникот е познат како Јаќимана или Јаќимовден. Многу семејства го слават како домашна слава или заветен ден. Традицијата налага денот да се помине во одмор од тешки физички и домаќински работи и да се направи милостина за оние што имаат помалку, но таа не смее да биде дадена со гордост туку со искрена скромност.

Во некои краеви се подаруваат ситници завиткани во црвена хартија или со црвен детал како симбол на љубов и здравје. Најважното верување е денот да се помине во кругот на семејството, особено со родителите. Строго се избегнуваат кавги и недоразбирања: се верува дека оние што ќе се скараат денеска ќе ги следи малер и кавги во текот на целата година.

Тропар: "Оние кои благодатно праведни беа по законот, Јоаким и Ана, младенец од Бога даруван ни родија. Затоа денес светло торжествува и радосно го празнува Божествената Црква чесниот ваш спомен, славејќи Го Бога, Кој ни ја воздигна силата на спасението во домот Давидов."

Кондак: "Ана се радува сега, ослободена од оковите на неплодноста, и Ја храни Пречистата, повикувајќи ги сите да Го воспеат Господа, Кој од Нејзината утроба им ја даде на луѓето единствената Мајка неискусобрачна."

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи