Јаневска: Дуалното образование дава резултати, но потребно е посилно поврзување на компаниите со науката
На панел на Светска банка Јаневска истакна раст на дуални паралелки, отворање околу 70 градинки и воведување кариерни советници, но повика на поблиска соработка со науката.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека усогласувањето помеѓу потребите на приватниот сектор и образовниот систем е сложен процес, при што наведе демографските и миграциските движења и недостигот на работна сила како клучни предизвици.
На панел-дискусија организирана од Светска банка Јаневска рече дека државата презема мерки со цел да го намали јазот помеѓу знаењата и вештините што ги стекнуваат учениците и студентите и потребите на пазарот на трудот.
„Добрата и успешната приказна е всушност средното стручно образование во Македонија, каде што имаме пораст на дуални паралелки, учење преку работа. И задоволството на компаниите од присуството на овие ученици од кои најголем дел од оние кои го продолжуваат образованието остануваат во компаниите“ — рече Јаневска.
Конкретни мерки и реформи
Министерката посочи дека во последните две години се отворени околу 70 нови градинки со цел поголемо вклучување на децата во предучилишното образование, а од минатата година во основното и средното образование за прв пат се воведени кариерни советници.
Во однос на усогласувањето на образовните програми со потребите на пазарот на трудот, Јаневска нагласи дека промените во наставните планови и програми веќе се направени во основното и средното образование.
Иако го поздрави растот на дуалните паралелки и задоволството на компаниите од учењето преку работа, министерката појасни дека е неопходно посилно поврзување на компаниите со научно-истражувачките институции за да се зајакнат и продолжат постигнатите резултати.
Фото: прес-материјал од настанот


